Вработените во Управата за јавни приходи од вчера протестираат со неработење по два часа дневно (10-12 часот) на работните места и бараат зголемување на платите од 30 отсто. Денеска предупредувачки протест, за време на паузата од 12-12.30 часот, одржаа и вработените во Царинската управа, кои бараат исплата на додаток на плата од 30 отсто. Нивните синдикални претставници велат дека само си го бараат она што следува законски, а не им се исплаќа.
Синдикатот на вработените во УЈП денеска ќе испрати известување за штрајк до работодавачот и предлог за помирување до Министерството за труд и социјална политика и ако не се реализира нивното барање, ќе почнат генерален штрајк за две недели.
Синдикатот на вработените во Царинската управа, пак, најави дека ако не им биде исполнето барањето, размислуваат за затворање на граничните премини.
Револтот кај вработените во овие две институции кои го полнат буџетот, е голем откако годинава Министерството за финансии ги зголеми платите на своите вработени за 30 отсто, како и по зголемувањето на платите на сите функционери за 78 отсто, со одлука на Уставниот суд.
Претходно неделава протест одржаа и вработените во судската администрација, кои бараат изгласување на законски одредби за повисока плата на судската служба, а дотогаш судските службеници да добиваат додатоци во висина од најмалку 25 отсто од платата.