Во Основниот кривичен суд денеска продолжи судењето за организација на нападот во Собранието на 27 април 2017, повторно со сведоци на обвинетите Трајко Вељаноски, Спире Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, кои доставија бескрајна листа на сведоци, а судијата Илија Трпков ја одобри.
Обвинителката Вилма Русковска на претходните неколку рочишта реагираше на ваквото одолговлекување, но нејзините приговори беа константно одбивани, иако сите сведоци го кажуваат истото, дека ВМРО-ДПМНЕ немала официјален став за протестите на „За заедничка Македонија“ и дека секој член постапувал самоиницијативно и по сопствено убедување.
На денешното судење сведочеа претседатели на месни и општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, како и член на централниот комитет на партијата.
Но, сведочеа и ракометниот голман Борко Ристовски, актерот Тони Михајловски и активистот Александар Пандов. Ристовски кажа дека давал поддршка на протестите преку Фејсбук, бидејќи тој период бил надвор од државата. Михајловски и Пандов, исто така, кажаа дека самоиницијативно дале поддршка и учествувале на протестите, како обични граѓани.
Судењето продолжува на 5 февруари, со нова тура сведоци на одбраната, меѓу нив и Емил Димитриев, Митко Чавков и Кирил Божиновски.