За три недели над 200 деца се вакцинирани на лице место за пропуштени рутински вакцини, соопшти Министерството за здравство за кампањата со Светската здравствена организација (СЗО) „Од врата до врата“. Кампањата почна на 24 април, како дел од Европската недела на имунизација 2023 и се реализира со финансиска поддршка од ЕУ.
Во неа се вклучени повеќе од 30 медицински тимови, кои до крајот на овој месец планирано е да посетат 2.900 семејства во над 120 населени места.
„Тимовите составени од здравствени работници ја презентираат користа од имунизација, а воедно вршат и администрирање на вакцини против ковид-19 и рутинска вакцинација“, додаваат од Министерството.
Според последниот извештај на УНИЦЕФ кој излезе во април, во 2021 Македонија заедно со Босна и Херцеговина и Киргистан, била на второ место во Европа и Централна Азија според бројот на деца со „нула дози“, (кои немаат примена никаква вакцина) – 11 отсто од децата помали од една година. На прво место е Молдавија, каде оваа стапка изнесува 13 отсто.
Б. НЕСТОРОСКА