Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата во периодот од јуни 2017 до мај 2024 година додека на власт беше СДСМ и во периодот од јули 2024 до јуни 2026 година додека на власт е ВМРО-ДПМНЕ бележи речиси идентична процентна месечна динамика.
Пресметките на сложената месечна стапка на раст како геометриски просек покажуваат дека во двата анализирани периоди платата растела со релативно темпо од околу 0,72 до 0,73 проценти на месечно ниво.
Во првиот период од 7 години, од јуни 2017 година до мај 2024 година, просечната нето-плата се зголеми од 22.808 денари (околу 371 евро) на 41.252 денари (околу 671 евро), што претставува вкупен раст од 18.444 денари или 80,87 проценти. Тоа соодветствува на просечен раст од околу 222 денари месечно и сложена месечна стапка од околу 0,72 проценти.
Во вториот период од 2 години, од јули 2024 година до јуни 2026 година, нето-платата порасна од 40.961 денар (околу 666 евра) на 48.381 денар (околу 787 евра), што е зголемување за 7.420 денари или 18,11 проценти. Просечниот номинален месечен прираст во овој период изнесува околу 323 денари месечно, но релативната стапка на раст се задржува на речиси истото ниво од околу 0,73 проценти месечно.
Разликата во номиналниот месечен износ, каде што во периодот 2024–2026 година платата растела со побрз апсолутен износ во споредба со периодот 2017–2024 година, главно произлегува од повисоката почетна основа, усогласувањата со инфлацијата и законската минимална плата.
Премиерот Христијан Мицкоски, во гостување на ТВ Сител неделава, кажа дека во нивно време просечната плата расте за 70% повеќе.
„Просечната плата, ако анализирате 84 месеци влада на СДСМ и ДУИ… Кога велам 84 месеци, зборувам од месец јуни 2017 година, којшто е прв месец на таа влада, заклучно со месец мај 2024 година, којшто е последен месец на таа влада, бидејќи јуни 2024 година ни е попола, наша влада и техничка влада на СДСМ и ДУИ. Затоа завршуваме до месец мај 2024 година. Ако го анализирате порастот на просечната плата во тој период и го споредите со порастот на просечната плата од месец јули 2024 година, којшто е наш прв месец како Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а со коалиционите партнери ЗНАМ и ВЛЕН, и последниот податок којшто го има објавено Државниот завод за статистика, а тоа е мај 2026 година, тоа се 23 месеци, ќе дојдете до заклучок дека за 70% повеќе расте просечната плата во овој период на оваа Влада споредено со периодот на претходната влада. Тоа се бројки. Овие бројки вие не можете да ги лажирате“, изјави Мицкоски.
М. ИЛИОСКИ



