Петнаесетгодишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор денеска беше одбележана на Попова Шапка со одржување конференција на тема: “Охридскиот договор – предизвик и гаранција за интеграција“. На конференцијата присуствуваа лидерот на ДУИ Али Ахмети, амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли, Питер Фејт од Институтот за мир и активен учесник во подготовката на договорот, Фестим Халили заменик претседател на Владата и Никола Тодоров како претставник на ВМРО ДПМНЕ. На конференцијата имаше бројни гости меѓу кои и претставници на СДСМ.
“Немаше начин да се избегне она што се случи,“ рече во обраќањето лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој зборуваше за незадоволството на Албанците уште од времето на поранешна Југославија и протестите во Приштина, па сѐ до конфликтот во 2001 година. Тој им се заблагодари на НАТО и на сите медијатори и државници за направените напори за решавање на, како што рече “тогашните нерешени проблеми“.
“Охридскиот договор им припаѓа на сите и тој ја спаси земјата од поделба. Тој е многу важен документ со кој се решија многу проблеми, но има уште многу Закони кои се изгласани во Собранието но кои сѐ уште не се имплементираат,“ рече Ахмети.
Амбасадорот Бејли истакна дека неговата земја е горда на улогата што ја имаше во постигнувањето на Охридскиот договор.
“Со договорот се избегна војната и се постигна мир“ рече Бејли. Тој накратко се осврна и на актуелната политичка состојба во Македонија и порача: “Граѓаните и политичарите во 2001 го направија тоа што го направија и ја избегнаа кризата, направете го тоа и овој пат за Македонија заеднички да зачекори кон НАТО и ЕУ“.
За време на конфликтот од 2001 година Питер Фејт беше еден од главните медијатори и креатори на Охридскиот договор. Сеќавајќи се на тие настани, Фејт рече: “Визијата на архитектите на Охридскиот договор беше да не се завземаат страни туку да се запре страдањето на народот и да се најде основа за заедничко живеење“.
Никола Тодоров како претставник на ВМРО ДПМНЕ рече дека народите на овие простори отсекогаш живееле заедно и дека треба и понатаму да се продолжи да се гради и негува тоа заедништво.
Прославата на одбележувањето на 15 годишнината од Охридскиот договор беше организирана од владиниот Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор.