Детската популација во Македонија се намалила за 18 проценти од 2011 до 2023 година, а се забележува и ниска стапка на фертилитет од 1,5, што укажува на намалување на населението, покажува анализата на УНИЦЕФ за ситуацијата на децата и адолесцентите, којашто беше презентирана во Собранието. УНИЦЕФ укажува дека 32,7 проценти од децата живеат под прагот на сиромаштија на национално ниво (во споредба со 23 проценти од општото население), и особено висока стапка од 79 проценти кај ромските деца. Социјалната помош е ограничена, со распределба од само 1,3 проценти од БДП. Само 22,6 проценти од домаќинствата со деца од 0 до 15 години добиваат детски или семеен додаток, во споредба со 88,4 проценти во ЕУ.
Во анализата се посочува дека урбанизацијата е во пораст, при што 63 проценти од децата сега живеат во урбани средини. Земјата, исто така, се соочува со конзистентен модел на негативна нето миграција, со 1.000 повеќе иселеници, отколку доселеници на годишно ниво, освен за време на пандемијата со ковид-19. Сепак, основните услуги не се соодветно прилагодени на овие демографски поместувања, коешто негативно влијае на капацитетот да се задоволат растечките потреби на населението, особено потребите на децата и најранливите групи.
Според УНИЦЕФ, јавните инвестиции во секторите кои се клучни за децата, како што се образованието, здравството и социјалните услуги, се постојано под просекот на ЕУ и нивоата во регионот, коешто ја поткопува одржливоста на тековните реформи. Трошењето за здравствена заштита изнесува 4,8 проценти од БДП (во споредба со 7 проценти во ЕУ), додека трошењето за образование изнесува 4,2 проценти (наспроти просекот на ЕУ од 4,8%), и само 1,5% од БДП за социјална заштита (под просекот од 2,1% за земјите од Западен Балкан, под просекот од 1.6% за земјите со понизок среден приход).
Во анализата се наведува дека трошењето за социјалните услуги било минимално, под 0,1 процент од БДП во 2019 година, што укажува на потреба од зголемено финансирање во оваа област. Еднаквоста и ефикасноста во јавното трошење создава голема загриженост, особено во образованието, бидејќи ниските резултати од системот, споредени со други национални системи со слични нивоа на трошење, посочуваат на погрешни распределби, неефикасност и недостатокот на фокус за постигнување квалитетни резултати.
Резултатите во учењето опаѓаат и индикаторите за образовниот систем значително заостануваат зад стандардите на ЕУ, и само дел од нив може да се припишат на влијанијата од пандемијата на ковид-19. Во 2022 година, 66 проценти од учениците не постигнале основни вештини за читање, 74 проценти не постигнале вештини по математиката, а 65 проценти не постигнале вештини за наука.
„Социо-економските и етничките разлики дополнително ги продлабочуваат овие јазови, при што Ромите и децата со ниски приходи се несразмерно под националните просеци. Организираното учество во предучилишно образование е на ниско ниво со само 50 проценти, во споредба со 85,6 проценти во ЕУ, при што помалку од 8 проценти од ромските деца се запишани во предучилишните установи“, наведуваат од УНИЦЕФ.
Според извештајот на Светска банка, се проценува дека околу 14.000 ученици на возраст за основно образование и 22.000 за средно образование не посетуваат училиште. Девојчињата, учениците кои не се социо-економски обесправени и децата кои не се Роми постојано имаат подобри резултати. Структурните аспекти се однесуваат на ниското финансирање и неефикасност во трошењето, со низок сооднос во бројот на ученици/наставник до 10, далеку под просекот на ОЕЦД од 15, и неефикасна распределба на човечките ресурси и инфраструктура. Најголемиот дел од трошењето во образованието е за плати, оставајќи минимални ресурси за подобрување на системот, се наведува во анализата.
Насилството врз децата останува сеприсутен проблем, со појава и на нови форми, како што се онлајн насилството и технолошки олеснетото насилство, со пораст на експлоататорските и штетни онлајн содржини на децата. Речиси три четвртини од сите деца (73 проценти) се изложени на насилно дисциплинирање во домот, додека стапките на физичко казнување и психолошка агресија се повисоки кај момчињата, ромските деца и децата со попреченост.
Слично на состојбата во останатите земји на Западен Балкан, врсничкото насилство е значително застапено, при што 19 проценти од учениците се соочуваат со малтретирање. Исто така, висока е преваленцата на детски бракови (8 проценти) во земјата, што особено ги погодува жените и девојчињата Ромки (45 проценти), оние со ниско образование и од пониско социо-економскопотекло.
Според УНИЦЕФ, ромските деца во Северна Македонија се соочуваат со сериозна исклученост, со особено висока стапка на сиромаштија и лишеност, ниска стапка на запишување на училиште и ниски образовни достигнувања во споредба со просекот на национално ниво.
УНИЦЕФ во анализата посочува и дека земјата се соочува со значителни опасности по здравјето од животната средина, со исклучително лош квалитет на воздух, почести и посериозни топлотни бранови и ограничен институционален одговор за ублажување на ризиците за децата. Стандардизираната стапка на смртност според возраста поради загадувањето во домаќинствата и на амбиенталниот воздух е 96 на 100.000 – што е над два пати повеќе од просекот на ниво на ЕУ и регионот. Во 2019, респираторните заболувања се причина за 39,8 проценти од морбидитетите кај децата, што особено ги погодува урбаните средини. Со годишното средно ниво на ПM2.5 коешто е пет пати повисоко од препораките на СЗО, и е двојно поголемо од просекот во ЕУ, квалитетот на воздухот е најлош на Западен Балкан.