ЗА ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ ИМАЛО ПРИЈАВИ ЗА КРИВИЧНИ ДЕЛА И ЗА НАРУШУВАЊЕ НА ЈАВЕН РЕД И МИР, НО ПОЛИЦИСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ ОД КОЧАНИ И ШТИП ДАЛЕ ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ, РЕЧЕ ТОШКОВСКИ

    ЗА ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ ИМАЛО ПРИЈАВИ ЗА КРИВИЧНИ ДЕЛА И ЗА НАРУШУВАЊЕ НА ЈАВЕН РЕД И МИР, НО ПОЛИЦИСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ ОД КОЧАНИ И ШТИП ДАЛЕ ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ, РЕЧЕ ТОШКОВСКИТошковски кажа дека денеска е откриена уште една фалсификувана лиценца за дискотека во Скопје.(Фото: К. Попов)

    За дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која на 16 март  во пожар загинаа 59 лица, а 178 се повредени, имало пријави во полиција за кривични дела и нарушување на јавен ред и мир, но и покрај тоа во 2023 година била издадена лиценца, а полициските службеници кои денес се уапсени дале позитивно мислење дека ги исполнува сите услови. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција кажа дека службените лица вработени во СВР Штип и ПСО Кочани изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа

    „Првиот, како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција во СВР Штип, и вториот, како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби, констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај. Третиот, како началник на Одделение за полиција во СВР Штип, и четвртиот како началник на СВР Штип, одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека кабарето ги исполнува законските  услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да го издадат мислењето сториле незаконитост“, рече Тошковски.

    Петтиот, како документарист во Полициска станица на Општина Кочани, изработил телеграма во која не навел точни податоци дека во близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, додека шестиот како заменик-командир и седмиот како началник на Одделение за внатрешни работи Кочани, иако знаеле дека има повеќе нарушувања на јавен ред и мир во кабарето и во близина на кабарето, ја потпишале и одобрилетелеграмата. Со тоа, како службени лица не постапиле согласно прописите и мерките за заштита и не извршиле целосна проверка и со тоа предизвикале опасност по животот на луѓето.

    „Со изготвување и потпишување на незаконски документи допринеле да се случи овој немил настан. Се работи за лиценцата издадена во 2023 година“ додаде Тошковски.

    Досега притвор е одреден за 18 лица, а покрај 7 полициски службеници денеска приведено е и едно одговорно лице во Министерство за економија.

    Тошковски кажа дека досега е откриена уште една фалсификувана лиценца за дискотека во Скопје.

    Од 59-те загинати во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, 43 се од Кочани, по пет лица се од Скопје и Штип, тројца од Пробиштип, двајца загинати се од Виница и едно лице е од Струмица. Тројца од починатите се малолетници. Повредени се 178 лица, од кои 64 се во државните болници во Македонија, 13 се во приватните болниcи, a во моментов 101 пациент се лекува во странство.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира