ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА НА ГРАЃАНИ ДРЖАВНИ ОРГАНИ И ПРИВАТНИ ФИРМИ ЌЕ СЕ КАЗНУВААТ ПО СУДСКИ ПАТ ДО 10.000 ЕВРА

    ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА НА ГРАЃАНИ ДРЖАВНИ ОРГАНИ И ПРИВАТНИ ФИРМИ ЌЕ СЕ КАЗНУВААТ ПО СУДСКИ ПАТ ДО 10.000 ЕВРАВо основниот постулат во Законот за првпат се воведува забрана за дискриминација по основ на сексуална ориентација, па се вели: „Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа; - Лица со попреченост се движат на Плоштадот Македонија во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација е на дневниот ред на денешната седница на Собранието. По едночасовна пауза, се очекува попладнево текстот да се најде во прво читање пред пратениците. За носење на овој Закон, кој е услов за почеток на преговорите со ЕУ, потребно е просто мнозинство од пратениците.

    Законот ќе стапи на сила по објавувањето во Службен весник, и со него сите граѓани кои имаат докази дека врз нив се случиле неосновани неправди поради дискриминација, ќе може да поведат граѓански спор. Докажувањето на индициите е предвидено е да биде на тужителите (дискримираните граѓани), а ако се докаже дискриминацијата врз нив, казните за сторителите се до 10.000 евра.

    Во основниот постулат во Законот за првпат се воведува забрана за дискриминација по основ на сексуална ориентација, па се вели: „Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа“.

    Законот дефинира и како се врши индиректна дискриминација, преку навидум неутрални прописи, правила и слично, а кои во позадина ги исфрлаат од конкуренција ЛГБТИ-лицата, оние со попреченост, сиромашните, социјално ранливите, политички и верски неподобните.

    „Директна дискриминација постои кога со едно лице или со група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа. Индиректна дискриминација постои кога некое лице или група се става во понеповолна положба во споредба со други лица или група лица, преку навидум неутрални прописи, одредби, критериуми, програми или практики, освен кога произлегуваат од легитимна цел, а средствата за постигнување на таа цел се пропорционални, односно се соодветни и неопходни“, се вели во Законот.

    За вознемирување парично ќе се одговара, и тоа во илјадници евра. Посебно е дефинирано сексуалното вознемирување како несакано постапување од сексуална природа.

    „Вознемирувањето е дефинирано како несакано постапување кон лице или група лица врз дискриминаторски основи што има цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика“, се наведува во продолжение на текстот, а потаму се дефинираат и други забранети дејства за кои дискриминираните лица ќе поднесат тужба без да треба да платат судски трошоци. Тие судски простапки со овој закон, стануваат итни.

    Бидејќи секое физичко и правно лице ќе мора убаво да го прочита законот, се дефинира на едно место и што е виктимизација. Тоа е посебен облик на дискриминација, т.е. трпење на штетни последици од страна на лице кое пријавило дискриминација, почнало постапка за заштита од дискриминација, сведочело во текот на постапката или на друг начин учествувало во постапка за заштита од дискриминација.

    Глоба во износ од 400 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице за кое е утврдено од надлежен орган дека извршило дискриминација на лица со попреченост ако не му обезбеди пристап, инфраструктура и достапност до информатички и комуникациски технологии и системи, до јавни објекти и услуги во урбани и рурални области. Со истата казна правното лице ќе се казни ако врши директна или индиректна дискриминација, или ако повикува други на дискриминација кон некого, ако правното лице вознемирува или посебно сексуално ако вознемирува или сегрегира.

    Со казна од 400 до 10.000 евра ќе се казни правното лице ако не дозволува увид во документацијата или го спречува истражувањето на Комисијата за заштита од дискриминација по отворената постапка против правното лице (државен орган, локална самоуправа, приватна компанија, итн).

    Глоба во износ од 100 до 400 евра ќе се изрече за прекршок од функционерот на државен орган, градоначалникот на единицата на локалната самоуправа или на службено лице на кое му е доверено вршење на јавно овластување.

    Глоба во износ од 50 до 150 евра ќе се изрече за прекршок на физичко лице, за кое е утврдено од надлежен орган дека извршил дискриминација

    Парична казна во износ од 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот на правното лице за кое е утврдено од надлежен орган дека извршило тежок облик, или продолжена дискриминација кон некој граѓанин, и тоа: од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 4.000 до 6.000 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 5.000 до 8.000 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 6.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за големи трговци.

    Одмерувањето на висината на глобата се врши во согласност со Законот за прекршоците.

    Физичкото одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа, без легитимна или објективно оправдана цел, се смета за сегрегација. Како потежок облик на дискриминација во смисла на овој закон ќе се смета дискриминацијата направена како повеќекратна дискриминација, интерсекциска дискриминација, повторена дискриминација и продолжена дискриминација.

    Лицата кои сметаат дека претрпеле дискриминација можат да поднесат претставка до Комисијата, писмено или усно на записник, без обврска за плаќање такса и друг надоместок.

    Лицето кое смета дека е дискриминирано пред Комисијата може да биде застапувано од страна на здружение, фондација или синдикат со претходно дадена согласност. Претставката треба да ги содржи следниве елементи: податоци за подносителот, податоци за лицето против кого се поднесува претставката, околностите и фактите врз кои се темели претставката, податоци за правните дејства што претходно ги вложил подносителот, доколку ги има и потпис на подносителот.

    Во постапка пред Комисијата се применуваат одредбите од Законот за употреба на јазиците. Во непосредна комуникација со Комисијата може да се употребува и знаковниот јазик. Странките кои не го разбираат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо имаат право на преведувач. Претставката може да се поднесе најдоцна во рок од шест месеци од дознавањето за актот на дискриминација или најдоцна една година од денот кога била сторена повредата, а комисијата може да поведе постапка и по истекот на рокот доколку оцени дека се работи за случај што засега поголема група лица или кога последицата трае или засега јавен интерес.

    Комисијата ја доставува претставката до лицето против кого е поднесена во рок од пет дена од денот на приемот на претставката и тоа може да се изјасни за наводите во претставката во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.

    Подносителот на претставката кој тврди дека во согласност со одредбите на овој закон е сторена дискриминација е должен да ги изнесе сите факти што го прават тврдењето веројатно. Ако Комисијата утврди дека тврдењето е веројатно, тогаш товарот на докажување преминува на лицето против кое е поднесена претставката. Тоа треба да докажува дека не постоела дискриминација.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира