За две години, државните институции купиле 269 нови возила за 8,5 милиони евра, од кои дел се на лизинг, велат резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Од тие 8,5 милиони евра, на компаниите „Порше лизинг“ и „Аутомотогруп“ им се исплатени над 5,6 милиони евра. Во најчести случаи токму овие две фирми ги добивале тендерите, на кои најчесто се јавувала само по една фирма. Просекот, всушност, е 1,4 фирми на секоја распишана јавна набавка на нови коли за државните институции.
Анализата ги опфаќа возилата кои се набавени во текот на 2023 и 2024 година, и се однесува само на патничките возила, а не и на комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.
Поединечно по институции, најмногу возила набавила Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), 82 возила за вкупна вредност од 2,2 милиони евра. Исто толку пари, но за речиси двојно помалку возила, има потрошено и Владата, преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), за набавката на лизинг на 45 возила, секое по 50 илјади евра.
Следно на листата е МВР, кое набавило вкупно 28 возила за 900 илјади евра.
По повеќе од половина милион евра за нови возила потрошиле Агенцијата за национална безбедност (АНБ), за набавени 23 возила, и Водостопанство, за набавени 15 возила.
„Шкода“ е омилена марка на функционерите, велат податоците од јавните набавки што ги аналицираше ЦГК. Најмногу возила институциите набавиле од брендот „шкода“, дури 90, односно една третина од сите набавени возила во двегодишниот период на анализа. Во рамките на оваа марка, далеку најзастапен модел што е набавен е најскапиот, „суперб“. Од 90-те набавени „шкоди“, дури 56 се од овој модел, вели Центарот за граѓански комуникации.
Има многу модели и на „дачиа“, од кој се набавени 78 коли. Речиси 90% од набавените возила од оваа марка се од моделот „дастер“. Следна марка според бројот на набавени возила е „пежо“, со продадени 45 патнички автомобили. Сите други марки се застапени со значително помалку возила, иако се издвојуваат уште „опел“ со 16 возила и „рено“ со 10 возила.
Она што загрижува е што просечниот број понуди од фирмите на тендерите за набавка на нови возила изнесувал само 1,4 понуди. На дури 70 % од овие набавки имало само по една понуда. Највисок број на добиени понуди на еден тендер бил три, но такви имало само во четири постапки.
„По ‘Порше’ и ‘Аутомотив’ со по 2,8 милиони уплатени средства од институциите, трета, со 1.062.920 евра е ‘Еуроимпекс’. Во оваа група на фирми коишто се издвојуваат според вредноста на договорите за јавни набавки за возила спаѓаат уште и ‘Јосифов’ со 653.203 евра и ‘Делукс-ауто’ со 620.985 евра“, вели анализата на ЦГК.
За десетина години речиси за двојно (94%) се зголемила просечната цена на набавените патнички возила од државните институции. Во периодот 2013-2015 година, просечната цена на набавените службени возила изнесувала околу 16 илјади евра, а во последните две години, просечната цена на набавените возила изнесувала околу 32 илјади евра.
Оваа сума за 2023 и 2024 е рекордна досега. Во неколкуте години пред пандемијата, просечно годишно се трошеле по околу 3 милиони евра за набавка на нови возила, а во пандемијата по околу 1 милион евра годишно.
„Посебно внимание предизвикува набавката на т. н. владини возила, односно возилата на највисоките функционери во државата што ги набавува Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР). Почнувајќи од 2012 година, СОЗР ги набавува овие возила во коишто се возат највисоките државни функционери по пат на т. н. оперативен лизинг, односно ги изнајмува за период од три години по којшто ги враќа и набавува нови. Последната ваква набавка се спроведе минатата година, кога беа набавени 45 возила по цена на лизингот за едно возило од 50.437 евра. И овој пат се набавија возила од марката ‘шкода суперб’. За прв пат откако Владата набавува вакви возила според оваа постапка, просечната цена на едно возило достигна рекордни 50.437 евра“, вели Центарот за граѓански комуникации.

За десетина години речиси за двојно (94%) се зголемила просечната цена на набавените патнички возила од државните институции. (Фото: К. Попов)
Според информациите од владината Служба за општи и заеднички работи, 45-те „шкода суперб“ земени на тригодишен лизинг по цена од 50.437 евра за едно возило, ги користат највисоките сегашни и поранешни функционери во државата, и тоа:
– претседателката на државата (1 возило),
– поранешните претседатели на државата (4 возила),
– Собранието на Северна Македонија (3 возила),
– претседателот на Уставниот суд (1 возило),
– Владата на Северна Македонија (5 возила),
– поранешните премиери – Талат Џафери и Димитар Ковачевски (2 возила),
– замениците на премиерот и владините министри (22 возила),
– шефот на кабинетот на премиерот (1 возило),
– генералниот секретар на Владата (1 возило),
– заменикот генерален секретар на Владата (1 возило),
– директорот на Служба за општи и заеднички работи (1 возило) и
– Служба за општи и заеднички работи (3 возила).
Според информациите од СОЗР, четирите возила за поранешните претседатели ги користат Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Вилма Трајковска и Стево Пендаровски.
Трите возила за Собранието ги користи претседателот на Собранието Африм Гаши, при што едното возило е за него, а другите две се за неговиот „ескорт“, односно придружба.
Од петте владини возила, три се за премиерот, односно едно за него и две за неговиот „ескорт“ и две се за владиниот протокол.
Трите возила на СОЗР се користат од Секторот за превоз и одржување на моторни возила за, како што рекле оттаму, опслужување на странски делегации и министерства.
С. К. ДЕЛЕВСКА