ЗА ДВЕ ГОДИНИ ПРЕПОЛОВЕНА СМРТНОСТА НА ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНИТЕ БЕБИЊА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЗА ДВЕ ГОДИНИ ПРЕПОЛОВЕНА СМРТНОСТА НА ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНИТЕ БЕБИЊА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕРегионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, д-р Елизабета Ѓоргиевска, министерот за здравство Венко Филипче, министерката за финансии Нина Ангеловска и Жихан Тавила, претседателка на Канцеларијата на СЗО во Скопјe на вториот Национален форум за здравје. (Фото: МИА)

    Mорталитетот кај предвремено родените бебиња во Северна Македонија се има намалено за половина, односно за 50 проценти во период од две години, рече новиот регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге на вториот Национален форум за здравје во Скопје. Форумот го организираат Министерството за здравство и СЗО под мотото „Здрави мајки, здрави новороденчиња: Северна Македонија одговара на предизвиците“.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека Форумот е посветен на мајчиното здравје и здравјето на бебињата.

    „Навистина многу сработивме во овие изминати две години и горди сме на резултатите. Се инвестираше сериозно, се надградија капацитетите на сите најголеми родилишта во нашата земја, се инвестираше во инфраструктурата, врвни експерти дојдоа кај нас, се направија едукација и семинари со што се надгради знаењето на луѓето кои работат во гинеколошко акушерските одделенија. Неонаталната смртност на предвремено родените бебиња е преполовена. Ќе продолжиме со истиот интензитет да работиме и понатаму“, рече Филипче.

    На форумот учествуваше и сопругата на претседателот Стево Пендаровски, д-р Елизабета Ѓоргиевска, која кажа дека секоја бременост треба да биде посакувана и секое раѓање безбедно, а посебно внимание треба да се посвети на ризичните бремености и нивното следење, правилниот транспорт и на предвремено родените бебиња.

    „Неопходно е доследно спроведување на редовно ажурираните болнички протоколи, на стандарди и инвестирање во човечкиот капитал во болниците и обуки каде се случува раѓање, и тоа што според мене, е најважно, почитување на правата и желбите на мајката.
    Идното здравје на нашите деца зависи од здравствената состојба на мајката уште пред забременувањето, но и од квалитетот на емотивната и социјалната врска меѓу мајката и најблиското семејство со новороденчето веднаш по породувањето. Неопходна е сеопфатна едукација на поединците во рамки на овој холистички пристап. Координацијата и комуникацијата меѓу здравствените работници во примарната здравствена заштита и поврзувањето со социјалните сервиси е круцијално. Тоа опфаќа координација и размена на информации меѓу лицата во примарната здравствена заштита, општите лекари, превентивните тимови и тие кои пружаат грижа во домашни услови. Но, тука спаѓаат социјалните работници, цивилното општество, организациите на пациентите“, рече д-р Ѓоргиевска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира