ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ЗА 47,6 ОТСТО ПОВЕЌЕ ЗАРАЗЕНИ ОД КОВИД ВО ГРУПАТА ОД 10 ДО 19 ГОДИНИ

    ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ЗА 47,6 ОТСТО ПОВЕЌЕ ЗАРАЗЕНИ ОД КОВИД ВО ГРУПАТА ОД 10 ДО 19 ГОДИНИИ кај возрасната група до 9 години има зголемување на болни за 39,5 проценти. (Фото: СДК.МК)

    Минатата недела од коронавирус во земјава се заразиле 8.638 лица, а во истиот период биле евидентирани 9.900 оздравени, покажува извештајот на Инстуитутот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 7 до 13 февруари. Биле тестирани вкупно 26.360 материјали во лабораториите, што е намалување од 21,1% во однос на поретходната недела. Процентот на позитивност се движи од 27,2% до 37,4%, просечно 32,2%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, дури повеќе од половина, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци.

    Има заболени од сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица над 60 години и од 40 до 49години. Најмал број е регистриран кај возрасната група до 9 години, но во споредба со претходните статистики и кај нив има зголемување на болни за 39,5 проценти, како и кај младите од 10 до 19 години за 47,6 отсто.

    Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.236 реинфекции, од кои кај шестмина заразени по вторпат, што е намалување за 7,8% во однос на претходната недела.

    Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 699 лица, што е за 2,5 проценти помалку во споредба со претходна недела. Од нив 412 се на кислородна поддршка или за 4,2% помалку, а 11 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација или 21,4% помалку во споредба со претходна недела.

    Во однос на претходната недела, се бележи намалување на бројот на заболени кај возрасните групи над 20 години, со најзабележително намалување од 31,5% во возрасната група од 20-29.

    пријавени се 124 смртни случаи во 23 градови во текот на изминатата недела, за 32,6% помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (49). Во однос на возраста, најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.

    Од појавата на пандемијата досега се инфицирале 287.481 лица, најголем дел регистрирани во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Тетово, додека највисок морталитет се регистрира во Охрид, Кавадарци и Прилеп. Највисок леталитет има во Струга, Крива Паланка и Дебар. Регистрирано е намалување на инциденцата во последните две недели во скоро сите градови, со најголемо намалување во Дојран, Пехчево, Крушево, Берово и Македонска Каменица. Зголемување се забележува во Дебар и Велес.

    Во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ во текот на изминатата недела, се изврши секвенционирање на 41 позитивен примерок на ковид-19. Во 35 (85,4%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на омикрон. Во 3 (7,3%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на омикрон -позната уште и како стелт (stealth) (два од Скопје и еден од Струмица). Уште циркулира и делта варијантата (B.1.617.2), која е докажана во 3 (7,3%) примероци (два од Гевгелија и еден од Велес).

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира