ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ ОД 5 ОТСТО ТРЕБА УДЕЛОТ НА ИЗВОЗОТ ВО БДП ДА ПОРАСНЕ ЗА 11 ОТСТО, КАЖА АНЃУШЕВ

    ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ ОД 5 ОТСТО ТРЕБА УДЕЛОТ НА ИЗВОЗОТ ВО БДП ДА ПОРАСНЕ ЗА 11 ОТСТО, КАЖА АНЃУШЕВ„За да имаме економски раст од 5 до 6 отсто, учеството на извозот во БДП треба да се зголеми на 65 отсто“, кажа вицепремиерот Кочо Анѓушев на денешниот економски форум (Фото: М. Златевска)

    Зголемување на процентот на извозот во бруто домашниот производ (БДП) и реализација на ефикасни капитални инвестиции се клучни за да се обезбеди економски раст, кажа вицепремиерот Кочо Анѓушев, на економскиот форум „Македонската економија меѓу визија и дилема: Предизвиците на економските политики“, што го организираше невладината „Фајнанс тинк“ во рамки на проектот поддржан од амбасадата на Велика Британија.

    Тој рече дека поголем економски раст не може да очекуваме од зголемување на потрошувачката на домашниот пазар, со оглед на тоа дека сме мала земја.

    „Сега учеството на извозот во БДП е 54 отсто. За да имаме економски раст од 5 до 6 отсто, учеството на извозот во БДП треба да се зголеми на 65 отсто. Со економската програма за развој на економијата предвидени се и мерки за стимулирање на извозот“, кажа Анѓушев.

    Тој рече дека државна помош отсега ќе се дели на фирми кои покажале резултати, односно кои немаат пад и не отпуштаат работници и дека според нивните проценки има 7.000 такви компании.

    „Меѓу нив 3.300 се извозно ориентирани, а идејата е да ги помогнеме и овие другите да почнат да извезуваат“, кажа Анѓушев.

    Според Марко Мантованели, директор на Светска Банка за Западен Балкан, македонската економија треба да расте најмалку со 5 отсто годишно за да може да го намали јазот со високоразвиените западни економии, и дека проектираниот раст од 3,2 отсто за оваа година е реален. Тој кажа дека мора да се преземат мерки за вработување на младите, бидејќи според нивни проценки во 2049 година ќе се изедначи бројот на оние што го полнат пензискиот фонд, со бројот на пензионери.

    Себастијан Соса, претставник на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во земјава, кажа дека е еден од најголемите проблеми со кои се соочува македонската економија сè уште е високата стапка на невработеност, која е над 20 отсто и малото учество на жените на пазарот на труд. Според него потребно е подобрување на јавната инфраструктура, како и да се обезбеди добра бизнис клима преку владеење на правото.

    „Треба да се зголеми продуктивноста на работоспособното население, а има неколку политики кои може да ја подобрат ефикасноста особено на долгорочно невработените, што исто така е проблем овде. Ефикасноста на работната сила може да се подобри со обуки на работното место, особено кај нискоквалификуваните работници. За оваа категорија лица може да се намалат даноците и придонесите и со тоа да се стимулира нивно вработување“, кажа Соса.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира