Деветнаесет основачи на ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа граѓаните на 30 септември да излезат на референдумот и да гласаат „за“ затоа што сметаат дека овој референдум е „директно и природно продолжение на првиот референдум од 8 Септември 1991 година, кога се изјаснивме за независна држава.
Во писмото објавено на 27-годишнината од прогласувањето независна Република Македонија се вели дека Договорите со Бугарија и со Грција за Македонија значат нејзина промоција во рамноправна сосетка и членка на НАТО и Европската унија, со регионално и меѓународно признат македонски идентитет и јазик.
Писмото е потпишано од Љубчо Георгиевски, основач, прв претседател на партијата и поранешен премиер на Владата, Гојко Јаковлевски основач, Димитар Димитров, поранешен потпретседател на партијата, министер и амбасадор, Марија Јорданова прва претседателка на Унијата на жените, Љубе Бошкоски, поранешен министер, Горан Рафајловски поранешен амбасадор во Германија, Љупчо Балковски поранешен министер, како и Ден Дончев, поранешен генерален секретар на партијата. Повик до граѓаните да излезат на референдумот преку писмото упатија и пратениците во првиот состав на Собранието Ѓулистана Марковска, Михаил Пановски, Ристо Јованов, Горан Зафировски, Благоја Чкатровски, поранешените пртеници Васил Гаџовски, Борче Сибиновски, Александар Талески, како и Ване Цветанов поранешен директор на Управата за спречување перење на пари и поранешните членови на партијата Панте Јангелов и Перо Гацов.
„Тоа беше нашиот сон, кога во утрото на независна Rепублика Македонија се деклариравме за зачленување во НАТО и ЕУ, сметајќи дека тие интеграции го гарантираат опстојувањето и просперитетот на джавата Македонија“, пишува во писмото на основачите на ВМРО-ДПМНЕ објавено на 27-годишнината од референдумот за незавосност во 1991 година.
„Договорите со Бугарија и со Грција за Македонија значат нејзина промоција во рамноправна сосетка и членка на НАТО и ЕУ, со регионално и меѓународно признат македонски идентитет и јазик. Тие значат поврзано национално и регионално помирување, безбеден и отворен простор за инвестиции, за соработка и комуникации. Со тие договори Македонија од предмет на манипулација, од монета за поткусурување, се издигнува вo промотор на врвни европски вредности“, стои во писмото потпишано од основачите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Учеството и чинот на нашето изјаснување по прашањето ‘Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот со Грција’ на претстојниот референдум, го сметаме за директно и природно продолжение на првиот референдум од 8 Септември 1991 година, кога се изјаснивме за независна држава. Со тоа се довршува конечното меѓународно етаблирање на нашата татковина“, велат во писмото основачите на ВМРО-ДПМНЕ и ги повикуваат граѓаните на 30 септември масовно да излезат на рефернедумот.
Тие велат дека „се’ уште сме надвор од големите сојузи во овој дел на светот, и покрај билатералните признавања од 137 земји, меѓу кои и најголемите, нашиот македонски јазик не фигурира на ниеден начин во Европската Унија. И ниедна од тие земји на меѓународен план не го користи нашето уставно име. Напротив, земји кои не’ признале со уставното име настојчиво ни’ сугерираат да се усогласиме со соседите“.