Вообичаено, митото е прво што им текнува на луѓето кога се зборува за корупција, но корупцијата е многу поширок поим и тоа е колективен поим за серија илегални активности за кои се одговорни и давателот и примателот, кажа холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп на јавната дебата „Претставување на предлозите за намалување на корупцијата во јавните набавки и унапредување на начинот на нивно спроведување“ организирана од Центарот за граѓански комуникации.
„Чистите јавни набавки влијаат позитивно на квалитетот на животот на луѓето и и врз економскиот развој на земјата и не треба да биде изненадување дека оваа област е приоритет во новата методологија на ЕУ за преговори со кандидатите за членство“, рече амбасадорот, додавајќи дека е позитивно што Владата ги прифати препораките за зголемени интегритет и транспарентност, како и за идентификување и санкционирање на корупција во јавните набавки, во програмата насловена „Акција 21 – за европски стандарди дома” и тоа според него ја покажува политичката посветеност, но треба да се воспостават механизми за нивно спроведување.
Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации рече дека е оправдана перцепцијата на граѓаните дека гонењето на корупција во јавните набавки е неуспешна, бидејќи мал број случаи завршуваат со судски постапки и добиваат правосилна пресуда со изречена санкција.
„Владата и единиците на локалната самоуправа треба да дадат поттик на овој процес и со право очекуваме овој процес да го предводат јавните претпријатија чии набавки изнесуваат најмалку половина милиони евра“, вели таа.
Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска рече дека колку и да се добри законите, сепак човечкиот фактор е пресуден за правилно или неправилно спроведување на законот, како и за барање на пропусти во законите.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации кажа дека вкупниот број на јавни претпријатија и акционерски друштва основани од Владата и единиците на локалната самоуправа се проценува на 145, бидејќи секој ден оваа бројка се менува. Овие ЈП и АД имаат вкупни годишни приходи од 800 милиони евра и вработуваат околу 30 илјади луѓе, а вкупната вредност на јавните набавки што ги прават е околу 300 милиони евра годишно што е една третина од сите јавни набавки во земјава.
Јавната дебата беше организирана во рамките на проектот „Кон отчетни јавни претпријатија“ кој го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска помош од Кралството на Холандија.