На новата зграда на Народната банка со месеци нема градежни работи, ниту се знае дали и кога ќе продолжат откако е раскинат договорот со ГП „Бетон“. Објектот кој се наоѓа во центарот на градот до зградата на Министерството за надворешни работи стои недовршен, во фаза на карабина, а за него досега се потрошени 15 милиони евра. Од Народната банка уште не знаат како ќе се постапи во иднина односно дали ќе се склучи нов договор за довршување на објектот.
„Договорот потпишан со ГП ‘Бетон‘ е раскинат на 13 јули годинава поради неисполнување на договорните обврски од страна на изведувачот. По раскинувањето на договорот, Народната банка ги презема сите неопходни чекори за заштита на имотот на банката, како и за утврдување на идните можности за завршување на градбата во блиска иднина“, велат од Народна банка.
Новата зграда на Народна банка почна да се гради во 2016 година, како дел од проектот „Скопје 2014“. Според договорот склучен тогаш со „Бетон“ изградбата треба да чини 23 милиони евра. Досега како што објаснуваат од Народна банка изведени се над 60 отсто од градежните работи предвидени со основниот договор односно на „Бетон“ му се исплатени 15 милиони евра.
„Вредноста на договорот во моментот на склучување изнесува 1.477.332.301 денари, реализацијата по истиот изнесува 910.628.093 денари со ДДВ, односно 61,64%. Дополнително во текот на 2017 година, поврзано со основниот договор е склучен и реализиран и договор за непредвидена работа поврзана со новиот објект односно заштита на градежна јама во износ од 12.322.911 денари, при што во рамки на неговата реализација се потрошени 64,71% од планираните средства“, објаснуваат од Народна банка.
Зградата треба да има осум ката, на врвот ќе има купола, барокна фасада, а на влезот антички столбови, какви што имаат сите згради од проектот „Скопје 2014. Aвтори на идејното решение за изгледот на зградата се Никола Стакинов и Лазар Димов. Тие се автори и на идејните решенија за барокни фасади на Министерството за правда, „Пелагонија“ и зграда на АД ЕСМ.
А. АНТЕВСКА