ЗА ОДЗЕМАЊЕТО НА ПРАТЕНИЧКИОТ МАНДАТ НА ГРУЕВСКИ ЌЕ СЕ РАСПРАВА В ЧЕТВРТОК, ПАВЛЕ БОГОЕВСКИ ЗАКАЖА КОМИСИСКА СЕДНИЦА

    ЗА ОДЗЕМАЊЕТО НА ПРАТЕНИЧКИОТ МАНДАТ НА ГРУЕВСКИ ЌЕ СЕ РАСПРАВА В ЧЕТВРТОК, ПАВЛЕ БОГОЕВСКИ ЗАКАЖА КОМИСИСКА СЕДНИЦАГруевски е во бегство официјално од 13 ноември 2018 година, кога се јави од Будимпешта. - Богоевски на седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања Павле Богоевски закажа седница за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски за в четврток. Единствена точка на дневен ред на комисиската седница ќе биде утврдување на Предлог за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, поради неоправдано отсуство на пратеникот повеќе од шест месеца, а врз основа на Известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, доставено на 15 мај 2019 година.

    Груевски е во бегство официјално од 13 ноември 2018 година, кога се јави од Будимпешта и се пофали дека добил азил. Собранието еднаш имаше обид да му го одземе мандатот, кога беше правосилно осуден на две години затвор во предметот на СЈО „Тенк“, но не беа обезбедени 80 гласа, односно двотретинско мнозинство од гласовите на пратениците.

    Членови на комисијата, освен претседателот Павле Богоевски, се уште Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски. Ако предлогот помине на комисија, за што се потребни 5 гласа, се префрла на расправа на пленарна седница, каде што се потребни 80 гласа за одземање на мандатот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира