ЗА ОПОЗИЦИЈАТА ВО ГРЦИЈА И МАКЕДОНИЈА СПОГОДБАТА Е СРАМНА И КАПИТУЛАНТСКА, ТОА ЗНАЧИ ДЕКА Е ПОСТИГНАТ КОМПРОМИС, КАЖА ДИМИТРОВ ПРЕД УТРЕШНОТО ГЛАСАЊЕ ЗА ДОГОВОРОТ

    ЗА ОПОЗИЦИЈАТА ВО ГРЦИЈА И МАКЕДОНИЈА СПОГОДБАТА Е СРАМНА И КАПИТУЛАНТСКА, ТОА ЗНАЧИ ДЕКА Е ПОСТИГНАТ КОМПРОМИС, КАЖА ДИМИТРОВ ПРЕД УТРЕШНОТО ГЛАСАЊЕ ЗА ДОГОВОРОТРатификацијата на договорот со Грција во Собранието е закажана за утре во 11 часот. - Министерот за надворешни работи Никола Димитров пред собраниската Комисија за европски прашања рече дека договорот со Грција ќе има двојна потврда, ратификација во Собранието и референдум на кој граѓаните ќе одлучат за својата иднина. (Фото: М. Златевска)

    Собраниската Комисија за европски прашања го усвои Предлог-законот за ратификација на договорот за решавање на спорот за името со Грција.

    За утре во 11 часот е закажана пленарна седница на која ќе се гласа договорот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на расправата во Комисијата, бидејќи ја бојкотираат расправата за договорот.

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров, член по член, го објаснуваше постигнатиот договор со Грција во Комисијата за европски прашања.

    „Ако не ми беше мирна совеста, немаше да го потпишам договорот и немаше денеска да бидам овде пред вас“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров во образложението на договорот.

    Димитров рече дека предлог законот бил ставен по скратена постапка, за ако помине ратификацијата на договорот во Собранието, да може Грција да го извести Советот на ЕУ дека нема забелешки. Идната недела, во вторник, се одржува состанок на Советот на ЕУ.

    Министерот Димитров рече дека спогодбата не е идеална и совршена, туку компромис на двете страни.

    „Кога опозициите во Грција и во Македонија изјавуваат дека спогодбата е срамна и капитулантска, тоа кажува дека се работи за компромис“, рече Димитров.

    Според Димитров, во минатото сме можеле да добиеме и подобри решенија, но тоа никој немал храброст да го направи.

    „Не исклучувам дека во минатите години не сме можеле да добиеме и подобри решенија, но огромна е одговорноста зошто не сме загризале. Резултат е една загубена генерација“, кажа Димитров.

    Со Договорот, како што рече Димитров, Македонија го зачува идентитетот и македонскиот јазик, а Грција доби дистинкција меѓу регионот Македонија и Република Македонија.

    Министерот Димитров рече дека официјално име ќе биде Република Северна Македонија.

    „Дали ова значи менување на името или додавање на одредница? Северна е географска одредница, придавка пред именката Македонија. Се прецизира“, одговори Димитров на забелешките на опозицијата дека со менување на Уставот, се менувало и името, додавајќи дека без решение за опфатот немало да има спогодба и дека името и опсегот се заемно поврзани.

    Димитров рече дека договорот со Грција ќе има двојна потврда, ратификација во Собранието и референдум на кој граѓаните ќе одлучат за својата иднина.

    „Во минатото, за митологијата ја жртвувавме реалноста, сега ја жртвуваме митологијата за реалноста“, рече Димитров.

    За бојкотот на опозицијата и за изјавите на опозицијата за постигнатиот договор, министерот Димитров рече:

    „Раководството што нè пикна во дупка и ни ја направи работатата уште потешка со етномитологијата. Сега и напаѓаат. Кој им бранеше толку години да најдат решение? Нè пикнаа во дупка и сега кога излегуваме на површина, чесно е барем да не одмагаат“, кажа Димитров.

    На седницата на Комисијата присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, амбасадорот на Холандија Воутер Пломп и други претставници на дипломатскиот кор.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира