ЗА ОТПИШУВАЊЕТО НА ДОЛГОТ ОД 14 МИЛИОНИ ЕВРА НА 4 ПРИВАТНИ ТРГОВЦИ СО СТРУЈА КОН ДРЖАВНОТО МЕПСО, ОБВИНИТЕЛОТ АБАЗИ ЧЕКА РЕВИЗОРИТЕ ДА ПРИЈАВАТ АКО ИМА КРИМИНАЛ

    ЗА ОТПИШУВАЊЕТО НА ДОЛГОТ ОД 14 МИЛИОНИ ЕВРА НА 4 ПРИВАТНИ ТРГОВЦИ СО СТРУЈА КОН ДРЖАВНОТО МЕПСО, ОБВИНИТЕЛОТ АБАЗИ ЧЕКА РЕВИЗОРИТЕ ДА ПРИЈАВАТ АКО ИМА КРИМИНАЛДржавните ревизори велат дека откриваат неправилности во работењето на институциите, а натаму на органите на откривање и на органот на прогон како што е Обвинителството, е дали ќе отворат постапки. - Шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција нема отворено предмет за отпишаниот долг од 14 милиони евра, пари на државното АД МЕПСО, за кои шестмина членови на управниот одбор на компанијата изгласале да им бидат простени на 4 приватни фирми – трговци со струја.

    „Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги следи сите информации и изјави. Ако бидат утврдени елементи на кривично дело, ќе биде поведена соодветна постапка. Воедно, сите субјекти кои имаат информации или докази за сторено кривично дело, имаат обврска тоа да го пријават до надлежното обвинителство“, ни одговори Обвинителството за организиран криминал, предводено од шефот Ислам Абази.

    САКАМДАКАЖАМ.МК праша конкретно дали ова обвинителство кое е надлежно да води постапка каде што е оштетен државниот буџет, ќе отвори предмет против шестемина членови на УО на АД МЕПСО кои одлучиле да се отпише на долгот од 14 милиони евра на 4 фирми, приватни трговци со електрична енергија кон МЕПСО.

    Одлуката за простувањето на милионскиот долг ја донеле: Ева Шуклева, Борко Алексоски, кои сега се сменети од УО на АД МЕПСО, како и сè уште актуелните членови Билен Саљији, Љупчо Зиков, Сашо Стефановски и Гоце Талевски.

    Прашавме конкретно и дали Обвинителството ќе истражи и зошто овие приватни фирми имале потешкотии во враќањето на тие 14 милиони евра, оти тие не се згаснати и продолжиле да работат. Некои од нив продолжиле со пререгистрација, со додавка на некоја буква или запирка во новите називи.

    Овие информации на јавноста ѝ беа презентирани од Државниот завод за ревизија, па го прашавме Абази и дали ОЈО ГОКК веќе го зеде од ДЗР генерално да го истражува Извештајот за работењето на АД МЕПСО за 2021 година, кој има дузина елементи за незаконско работење.

    Тој не одговори потврдно, а ги потсети индиректно и ревизорите дека им е обврска ако утврдат дека имаат информации и сомневања за сторени кривични дела, да пријават во Обвинителството.

    Ревизорите со кои разговаравме сметаат дека не смеат да се мешаат законските надлежности, бидејќи тие не се ни МВР, ни Финансиска полиција да поднесуваат пријави до Обвинителството. Откриваат, даваат јасни и поткрепени докази за неправилности во работењето на институциите, натаму на органите на откривање и на органот на прогон како што е Обвинителството, е дали ќе отворат постапки.

    „Ние сме ревизори. Не можеме да бидеме ни МВР, ни Обвинителство. Не се поставени нашите овластувања како во Италија, Англија, Турција, каде ревизорите и ревидираат и судат“, велат соговорниците.

    Сепак од ДЗР напоменуваат дека во последниве година дена, разменуваат извештаи со Јавното обвинителство.

    „Почнавме и средби да имаме. Се менува состојбата, до пред година дена немавме никаква соработка. Се договоривме наши ревизори да учествуваат во предистрагите што би се отвориле во обвинителството и во МВР. Сепак, заинтересираните органи за поведување истраги, сите докази ги имаат од ДЗР. Не може да се вадат: ‘Допрва треба да собереме докази’, Доказите се во нашите папки. Тука сме да ги објасниме нашите наоди“, сметаат ревизорите.

    Според извештајот на ДЗР за работата на АД Мепсо за 2021 година, шестемина членови на управниот одбор свесно гласале да им се отпише долгот на четирите приватни снабдувачи со струја, и покрај што знаеле дека во последен момент се откажале од снабдувањето поради поскапувањето на струјата и се закачиле на МЕПСО од каде земале поевтина струја. Поради нивното откажување од снабдување со струја по повисоки цени, државата морала итно да се приклучи на Европската мрежа и да плати речиси двојно, 25 милиони евра за да купи струја и да ги снабди граѓаните и стопанството во текот на енергетската криза.

    Државата не ги наплаќа овие 14 милиони евра, а дава 25 милиони евра ад хок да набави значително поскапа струја по мегават/час за граѓаните, стои во наодот на ревизорите.

    Деталниот извештај на ДЗР за работењето на АД МЕПСО во 2021 година отвора многу работа за обвинителството: компанијата не знае колку далноводи и трафостаници има, што се капитални ресурси на државата, а не кутии. Се става имот на МЕПСО под хипотека во интерес на приватни правни лица. Не се знае кој колкави донации и кому ги дал тие донации од МЕПСО. За неповлечени пари од дамнешни кредити, компанијата плаќа по 200.000 евра камата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира