Владата денеска го утврди текстот на Предлог-закон за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија за 2020 година. Од Владата велат дека новина во овој Попис е користењето на лаптопи наместо хартиени обрасци, што треба да го забрза процесот на обработка и објавување на прибраните податоци.
„Во предлог-текстот на Законот се утврдени методолошките основи на претстојниот Попис, како и организациско-техничките специфики на оваа најголема статистичка операција. Имено, овој Попис ќе се спроведе со т.н. комбиниран метод, односно користење на податоци од претпописната база на податоци и прибирање на податоци од терен, т.е. лично попишување на сите единици на Пописот“, соопшти Владата.
Според предвидениот акциски план, пописот треба да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2020 година.