Основното јавно обвинителство Скопје почна истрага против четири лица и едно правно лице за пожарот во Трубарево, а за едно лице е побаран притвор. Тие се товарат за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопштија од Обвинителството, првоосомничениот формално не бил запишан како управител на правниот субјект во кој непрописно се складирал отпадот, но реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица. Формално, управителка била неговата 26 годишна ќерка.
„Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање. Затоа, во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, велат од Обвинителството.
Третиот осомничен е овластено лице, раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад.
Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос во фирмата сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
„На 13 септември, објектот со непрописно складиран отпад се запалил. Поради обемот и опасноста, пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост“, се вели во соопштението на Обвинителството.
За првоосомничениот Обвинителството бара мерка притвор, додека за останатите тројца побарано е определување куќен притвор.
Од Обвинителството велат дека се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издава наредби за обезбедување докази по кои постапуваат надлежните органи.