ЗА ТРИ ДЕНА ВАКЦИНИРАНИ 1.018 ДЕЦА, НЕМА НОВОЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ

    ЗА ТРИ ДЕНА ВАКЦИНИРАНИ 1.018 ДЕЦА, НЕМА НОВОЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИМинистерството за здравство соопшти дека МРП вакцините со кои се вакцинираат децата не се со истечен рок на трање. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 8 пациенти со мали сипаници кои се во стабилна состојба, нема нови случаи (Фото: СДК.МК)

    Во пунктовите за вакцинација на Здравствен дом Скопје денес со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит) биле вакцинирани 28 деца, новозаразени со мали сипаници нема. Според Министерството за здравство, со оваа последна бројка последните три дена вакцинирани се 1.018 деца.

    Пунктовите за вакцинација во поликлиниките „Јане Сандански“, „Букурешт“ и „Бит Пазар“ и денес и утре ќе работат од 7.30 часот до 19 часот, а во понеделник од 7.30 часот до 13 часот.

    Од Клиниката за инфективни болести велат дека во моментов кај нив се хоспитализирани осум лица заразени со мали сипаници, од кои едно е возрасно лице, а останатите се деца на возраст од 8 месеци до 4 години.

    „Пациентите се во стабилна состојба, нови приеми засега нема“, велат од Клиниката за инфективни болести.

    Министерството за здравство соопшти дека МРП вакцините со кои се вакцинираат децата не се со истечен рок на трање.

    „МРП вакцините Priorix со кои се вакцинираат децата во Скопје и во другите градови од земјава се набавени со тендерот распишан 21.10.2016 година, со склучени договори на 21.03.2017 година. Вакцините кои се во употреба се Priorix, се со сериски број АМЈРД512АА со рок на траење 07.2019 година и сериски број A69CE583A со рок на траење 05.2019 година. Во тек е континуирана набавка на вакцини, за имунизација на населението во Република Македонија за период од јули 2018 до јуни 2020 година со повеќегодишна јавна набавка, кое Министерството за здравство ја реализира секои две години, а техничкиот дијалог за оваа набавка е објавен на 27.10.2018“, соопшти Министерството.

    Епидемијата на морбили во Скопје, која Министерството за здравство заедно со Дражваниот санитарен и здравствен инспекторат и Комисијата за заразни болести ја прогласи пред три дена сѐ уште е на сила, а тогаш беше донесена одлука невакцнирани деца да не се примаат во градинките.

    Епидемијата беше прогласена откако за два дена беа регистрирани 12 нови случаи на заразени со мали сипаници во скоро сите скопски општини, од кои за 6 шест лица уште пред три дена имаше потврда дека се заболени, за две потврдата стигна завчера, а за две не е потврдено дека имаат морбили. За едно дете кое е суспектно за морбили сѐ уште се чекаат резултатите.

     

    Според здравствените власти, нискиот опфат на вакцинирани деца се должи на силните и агресивни антивакцинални кампањи, а прогласување на епидемија и забрана невакцинираните да посетуваат градинка е превентивна мерка за да се спречи натамошно ширење на болеста, која брзо се шири од човек на човек.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира