ЗА ТРИ ГОДИНИ ОД СКОПЈЕ ЗА БИТОЛА ТРЕБА ДА СЕ ПАТУВА ЗА ЧАС И ПОЛ, СЕ ГРАДИ АВТОПАТОТ ПРИЛЕП-БИТОЛА, НА 100 ДЕМИНИРАНИ ХЕКТАРИ ПРОНАЈДЕНИ 19.500 ЕКСПЛОЗИВНИ МАТЕРИЈАЛИ

    ЗА ТРИ ГОДИНИ ОД СКОПЈЕ ЗА БИТОЛА ТРЕБА ДА СЕ ПАТУВА ЗА ЧАС И ПОЛ, СЕ ГРАДИ АВТОПАТОТ ПРИЛЕП-БИТОЛА, НА 100 ДЕМИНИРАНИ ХЕКТАРИ ПРОНАЈДЕНИ 19.500 ЕКСПЛОЗИВНИ МАТЕРИЈАЛИМинистерот за транспорт и врски Александар Николовски најави дека за три години од Скопје до Битола ќе се патува за час и половина. (Фото: СДК.МК)

    Се гради автопатот Прилеп-Битола во должина од четириесетина километри, кој според изјавите дадени од претставниците на Владата при денешниот увид на градежните работи, ќе биде готов за три до три и пол години. Во моментов се работи на делница од 6 километри каде е извршена експропријација на 850 парцели, а деминирани се и сто хектари површина.

    Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски рече дека изградбата се одвива интензивно, но сепак главниот проблем е деминирањето зашто наидуваат на голема количина експлозивни материјали останати од поранешните војни.

    „Има вкупно околу 1.300 катастарски парцели кои треба да бидат експроприрани, досега експропријација е направена на 850, а остануваат уште 450. Главниот проблем е деминирањето. Околу 500 хектари треба да се деминираат, а деминирани се околу 100 и најдени се 19 500 можни потенцијални експлозивни материјали. Извадени се околу 200. Благодарност до АРМ која го врши деминирањето, ова е терен каде минувале и Балканските и Првата и Втората светска војна. Се надеваме дека со ова темпо за три години оваа делница ќе биде готова“, рече Трајановски.

    Премиерот Христијан Мицкоски, кој денес изврши надзор врз градењето на автопатот, рече дека ќе биде готов до 2027 година.

    Министерот за транспорт и врски Александар Николовски најави дека за три години од Скопје до Битола ќе се патува за час и половина.

    „Со завршувањето на овој автопат од Прилеп за Битола, како и со пуштањето во функција на експресниот пат од Градско до Прилеп, кој се одвива во три секции, Градско- Дреново ќе биде готов до Нова година, Дреново- Фариш до март, а во текот на следната година од Фариш до Прилеп, очекувам за три до три и пол години од Скопје до Прилеп да се патува во пријатно возење за час и десет минути, а до Битола за 1 час и 30 минути што целосно ќе ја промени реалноста во регионот во делот на економија, комуникација и напредокот“, рече Николовски.

    Запрашан дали експресниот пат од Фариш за Прилеп ќе минува низ Плетавр или сообраќајот низ овој превој заминува во историјата, рече дека дел од патот ќе минува од таму, дел не, но проектот ќе го промовираат во март в година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира