ЗА ВЛАСТА Е НЕПРИФАТЛИВО БАРАЊЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ СЈО ДА НЕ БИДЕ ПОСЕБНО ОБВИНИТЕЛСТВО И ДА СЕ ПРЕКИНАТ ИСТРАГИТЕ

    ЗА ВЛАСТА Е НЕПРИФАТЛИВО БАРАЊЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ СЈО ДА НЕ БИДЕ ПОСЕБНО ОБВИНИТЕЛСТВО И ДА СЕ ПРЕКИНАТ ИСТРАГИТЕПретставници на власта и опозицијата денеска пет часа разговараа за иднината на СЈО. - Специјалната обвинителка Катица Јанева (Фото: СДК.МК)

    Министерката за правда Рената Дескоска кажа дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал не може да биде прифатено, а исто е неприфатливо и барањето за прекинување на истрагите и обвиненијата, по денешната петчасовна работна средба во Министерството за правда на која се разгледуваа амандманите на опозицијата за Законот за Јавното обвинителство, а во кој е регулиран и статусот на СЈО.

    „Барањето кое што го доставија, СЈО да биде дел од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а не посебно обвинителство е прашање кое што реално не може да биде прифатено, од причина што една од стратешките определби е дека СЈО треба да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство. Друга клучна разлика е разликата околу судбината на овие истраги коишто се во тек од страна на СЈО, предистражни постапки и обвиненија коишто се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите. Барањето кое што значи прекинување на овие постапки и потоа нивно, ако треба, одново отпочнување, значи на некој начин губење на голем број докази коишто би биле сериозни докази во постапки, на тој начин нивниот предлог содржи опасност од неуспешно завршување на многу постапки а со тоа и амнестирање“, изјави Дескоска.

    Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ на средбата Тони Менкиноски рече дека за нив е неприфатливо СЈО само да си го одредува буџетот.

    „Не се прифатливи за нас одредбите тоа да не одговара пред никого и не се прифатливи одредбите кои се однесуваат на тоа да сам си го создава буџетот, што е неприфатливо во една демократија, еден орган сам да кажува колкав буџет да има на располагање и притоа да не трпи никаков надзор од никого“, кажа  Тони Менкиноски.

    Дескоска додаде дека се договориле ВМРО-ДПМНЕ да ги разгледа уште еднаш аргументите кои што им беа дадени, да ги преиспитаат ставовите и ако евентуално има одредени поместувања, да седнат уште еднаш и да разговараат.

    „Договорот е до четврток да ни бидат доставени во амандманска форма оние предлози на коишто инсистираат да бидат вклучени во Законот за Јавното обвинителство, а потоа во петок да седнеме и да ги кажеме ставовите околу овие предлози“, кажа Дескоска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира