ЗА ЗАШТИТА ОД МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ ДА СЕ ИЗБЕГНУВА КОНТАКТ СО ДИВИ ЖИВОТНИ, ПРЕПОРАЧА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ЗА ЗАШТИТА ОД МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ ДА СЕ ИЗБЕГНУВА КОНТАКТ СО ДИВИ ЖИВОТНИ, ПРЕПОРАЧА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОПериодот на инкубација е од 5 до 21 ден зависно од патот на пренесување и изложување на болеста. (Фото: АП)

    Да се избегнува контакт со диви животни и при употреба на месо од нив тоа да биде добро термички обработено, пишува во препораките за заштита од мајмунски сипаници што на социјалните мрежи ги објави Министерството за здравство. Од Министерството препорачуват лицата кои имаа професионално контакт со заболени диви животни и нивни органи и ткива да користат заштитни ракавици, маски, очила, мантили, престилки, обувки. Исто така, да се избегне близок физички контакт со лица кои евентуално имаат или се сомнителни на мајмунски сипаници, како и контакт со нивни телесни течности.

    „Вирусот се пренесува преку директен контакт со крв, лезии, телесни течности од заразено животно, верверички, стаорци, глувци , мајмуни, јадење на недоволно термички обработено месо од заразено животно, директен контакт со заболено лице, вдишување на респираторни капки кои болниот ги исфрла кога зборува и кашла, близок контакт со телесни течности и кожен исип на заразено лице“, велат од Министерството во препораките за заштита.

    Мајмунски сипаници се вирусна болест преизвикана од истоимен вирус, а која е регистрирана во повеќе земји од Централна, Западна Африка, Европа, Америка и Канада. Извор на заразата е заболено животно или човек. Симптомите се слични како и за другите сипаници: температура, трески, главоболка, мускулни болки, болка во грбот, отечени лимфни јазли, замор, исип. Периодот на инкубација е од 5 до 21 ден зависно од патот на пренесување и изложување на болеста.

    Компликациите можат да бидат секундарни инфекции, бронхопневмнија, енцефалитис, инфекција на рожницата на окото со губење на видот и сепса.

    Вакцината за големи сипаници може да обезбеди заштита, но развиена е прва вакцина која е одобрена за превенција од мајмунски сипаници. На пациентите им се дава антивирусно средство за третман на големи сипаници, лиценцирано и за лекување на мајмунски сипаници.

    Од Комисијата за заразни болести најавија дека Институтот за јавно здравје стапи во контакт со СЗО за да се обезбедат посебни средства за дијагностицирање на мајмунските сипаници. Тоа ќе се изведува преку ПЦР тестирање, и дека се утврдуваат клиничките патеки за третман на пациенти.

    Болеста се шири низ Европа, а случаи на заразени лица веќе пријавиле Германија, Велика Британија, Шпанија, Португалија, Швајцарија и Израел. Ширењето на оваа зараза не може да се спореди со почетоците на пандемијата на коронавирусот, сметаат во СЗО, но треба да се внимава.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира