ЗАБРАНЕТ ПРИЕМ НА НОВИ ПАЦИЕНТИ ВО КАТЛАНОВСКА БАЊА ОТИ ЛЕКУВАЛЕ БЕЗ ДОЗВОЛА, ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО МОЛЧИ КАКО СКЛУЧУВАЛ ДОГОВОРИ

    ЗАБРАНЕТ ПРИЕМ НА НОВИ ПАЦИЕНТИ ВО КАТЛАНОВСКА БАЊА ОТИ ЛЕКУВАЛЕ БЕЗ ДОЗВОЛА, ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО МОЛЧИ КАКО СКЛУЧУВАЛ ДОГОВОРИ„Забраната се однесува за прием на нови пациенти“, вели д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (Фото: Е. Ангеловска)

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесе решение со кое на Катлановска бања ѝ се забранува да дава здравствени услуги, бидејќи при вонредниот надзор направен минатиот месец констатирале дека овој правен субјект нема дозвола од Министерство за здравство за вршење здравствена дејност.
    Д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ, рече дека при вонредната контрола, која ја направиле на 14 минатиот месец по анонимна дојава, во Катлановска бања затекнале тројца доктори, кои не е македонски државјани и кои немале лиценца за работа во земјава, како даваат здравствени услуги. Таа објасни дека затекнатите странски доктори биле анестезиолог, дефектолог и ортопед, кои во време на вонредниот надзор биле затекнати како вршат прегледи.

    „При надзорот правниот субјект не даде на увид дозвола за вршење здравствена дејност од Министерството за здравство, поради што донесовме решение со кое на овој субјект му се изрекува забрана за вршење на здравствени услуги. Тоа значи дека не се забранува бањско рекреативно лекување, но сите здравствени услуги за кои пациенти се упатуваат да ги добијат на товар на ФЗОМ се забранети. Тоа вклучува и медицинска рехабилитација и прегледи“, рече Бухова.

    Според Бухова сите пациенти кои во моментов се во Катлановска бања, а кои се упатени како осигуреници на ФЗОМ ќе останат таму додека не го завршат лекувањето, а забраната се однесува на прием на нови пациенти.
    Таа кажа дека инспекторатот нема надлежност да врши инспекција во делот на бањското рекреативно лекување, но дека сѐ што е на товар на ФЗОМ е забрането додека правниот субјект не обезбеди дозвола за вршење на дејноста од Министерството за здравство.

    „Не можам да кажам зошто во претходните редовни контроли кои ги правел ДСЗИ не е утврдено дека овој правен субјект нема дозвола за вршење здравствена дејност, можам да зборувам само за времето откако сум во оваа институција. Не можам да кажам ниту како ФЗОМ склучувал договори за покривање здравствени осигуреници со овој правен субјект, тоа прашање треба да го одговори Фондот“, кажа Бухова.

    Таа рече дека поради она што го затекнале во време на надзорот, случајот го пријавиле и во финансиската полиција.

    Управата за финансиска полиција кажа дека минатата недела Државниот санитарен и здравствен инспекторат до нив доставил пријава и побарал соработка во истрагата за одредени неправилности во работењето на Катлановска бања.

    „Веднаш во рамки на нашите законски надлежности пристапивме кон отворање предистражна постапка, излеговме на терен и направени се првични проверки за евентуално потврдување на сознанијата за неправилности. Се надеваме дека во најскоро време ќе имаме првични информации, односно за исходот од истрагата ќе ја информираме јавноста, а ќе има и поднесок до соодветен орган“, велат од Управата за финансиска полиција.

    Лекарската комора на Македонија вели дека Катлановска бања до нив не доставила барање за издавање врмена лиценца за работа на странски доктори.

    Од ФЗОМ нема одговор како со години склучувале договор за купување здравствени услуги од Катлановска бања во услови кога овој правен субјект немал дозвола за вршење здравствена дејност. Фондот не кажа ниту дали годинава е склучен нов договор, со оглед на тоа дека управниот одбор на ФЗОМ уште во јануари годинава направил нова прераспределба на квотите за бањско лекување, со кое за тројно се зголемени квотите на Бања Самуил Банско, иако таа е со најмал капацитет. Како и за распределбата на квотите, така и за овој случај ФЗОМ молчи.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира