ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ТЕСТ ЗА ГЕСТАЦИСКИ ДИЈАБЕТЕС ЗА СИТЕ БРЕМЕНИ ЖЕНИ СО НОВИТЕ УПАТСТВА ЗА РИЗИЧНИ СОСТОЈБИ ВО БРЕМЕНОСТА

    ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ТЕСТ ЗА ГЕСТАЦИСКИ ДИЈАБЕТЕС ЗА СИТЕ БРЕМЕНИ ЖЕНИ СО НОВИТЕ УПАТСТВА ЗА РИЗИЧНИ СОСТОЈБИ ВО БРЕМЕНОСТАПретседателката на Комитетот за безбедно мајчинство д-р Ана Данева вели дека новите упатства за ризични состојби во бременоста се направени од експерти врз основа на медицина базирана на докази (Фото: Влада на РСМ)

    Бремените жени во третото тримесечие од бременоста, или од 24 до 28 гестациска недела, ќе треба задолжително да направат универзален тест за откривање гестациски дијабет, без оглед на тоа дали се под ризик да развијат гестациски дијабет или не. Во првото тримесечие од бременоста или до 10 недела ваков тест е задолжителен кај жени кај кои има ризик од развој на дијабетес, а на останатите матичниот лекар може да им понуди да направат ваков тест.

    Претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство д-р Ана Данева, вели дека ова е предвидено со новите упатства за ризични состојби во бременоста, донесени од експертски групи, кои пак се изготвени согласно медицина базирана на докази.

    Таа кажа дека друга новина во следењето на бременоста со новите упатства е и тоа што матичниот гинеколог во првото тримесечие од бременоста или до десетата гестациска недела на бремената жена треба да и понуди да направи и тестови за хепатитис и ХИВ.

    „Скринингот за гестациски дијабетес во првото тримесечие од бременоста не е задолжителен за сите жени, освен за оние во ризик, но гинекологот може да им го понуди и на оние што не се во ризик. Во третото тримесечие од бременоста овој тест ќе биде задолжителен за сите жени, без оглед дали постои ризик од развој на гестациски дијабетес или не, за да превенираме да не остане кај некоја жена ваква состојба која навреме не е откриена. Тестовите за ХИВ и хепатитис не се задолжителни, но како превентива гинекологот може да им ги понуди на жените во првото тримесечие од бременоста“, вели д-р Данева.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира