ЗАЕДНИЧКИ ЦАРИНСКИ ПРЕМИН МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ЗА ПОБРЗ ПРОТОК, НАЈАВИ АНЃУШЕВ

    ЗАЕДНИЧКИ ЦАРИНСКИ ПРЕМИН МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ЗА ПОБРЗ ПРОТОК, НАЈАВИ АНЃУШЕВЗаеднички царински премин и заеднички настап на берзата за струја најавија вицепремиерите на Македонија и Бугарија Кочо Анѓушев и Томислав Дончев на денешниот македонско-бугарски бизнис форум (Фото: К. Попов)

    Заеднички царински премин меѓу Македонија и Бугарија за да се отстранат административните бариери за развој на економските односи меѓу двете земји, најави денес вицепремиерот Кочо Анѓушев на македонско-бугарскиот бизнис форум. Тој рече дека трговската размена со Бугарија лани била 695 милиони долари и е 16,95 отсто поголема од преклани. Според него, бројките во економијата се охрабрувачки и државите треба да направат сѐ за да им помогнат на компаниите да ја интензивираат соработката.

    „Ако 2011 година Македонија ја посетиле 17.000 бугарски граѓани, во 2018 година таа бројка е 47.000 граѓани, тоа укажува дека трговската размена и размената на луѓе расте, и тоа двонасочно. Македонија е лошо инфраструктурно поврзана со Бугарија, иако е делница од 250 километри со автомобил се потребни 4 часа, а со железница е невозможно, затоа што ја нема. Затоа се фокусираме на нејзината изградба. Железничката линија од Македонија во Бугарија веќе е во изградба и првиот дел требало да заврши во септември 2016 година. Сега се работи на неа и очекувам да заврши за 15 месеци. Делот од Бељаковце до Крива Паланка кој е 147 милини евра веќе е тендериран, во фаза е избор на изведувач, а третата делница од Крива Паланка до Ѓуешево кој ќе чини од 350 до 400 милиони евра, веќе е проектирана и се договара финансиските средства да бидат обезбедени и наскоро ќе ја тендерираме. Не би можеле тие делници да ги изградиме, ако не беше поддршката од Европската унија за втората делница која е пред изградба, односно ако не добиевме грант од 68 милиони евра, што е 45 отсто од вкупната сума“, рече Анѓушев.

    Тој кажа дека со проектот за железницата и со проектот за изградба на експресен пат од Куманово до Бугарија, кој е финансиран преку Светска банка, инфраструктурно ќе се подобрат врските меѓу двете земји.

    „Скоро милијарда евра ќе се вложат во изградба на инфраструктура, а тоа ќе нема смисла ако возилата на границата чекаат 2-3 часа, и затоа договараме заеднички царински премин со кој ќе се забрза размената на стоки“, рече Анѓушев.

    Бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев рече дека трговската размена меѓу двете земји од 700 милиони евра не е доволна и дека треба годинава да се зголеми за 50 отсто. Тој кажа дека сѐ што можат како држави ќе направат за да се подобри економската соработка меѓу стопанствениците од двете земји, и дека Бугарија е подговена да помогне и со соработка во енергетиката.

    Заменик-министерот за економија Кире Наумов рече дека е добро да има заедничка енергетска берза со Бугарија, за што ќе се разговара со енергетската заедница во Виена, и дека очекува тоа да се случи во втората половина на 2019.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира