СО ЗАЕДНИЧКО ПОКЛOНУВАЊЕ НА ГРОБОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, ЗАЕВ И БОРИСОВ ЌЕ ГО ОДБЕЛЕЖАТ ИЛИНДЕН

    СО ЗАЕДНИЧКО ПОКЛOНУВАЊЕ НА ГРОБОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, ЗАЕВ И БОРИСОВ ЌЕ ГО ОДБЕЛЕЖАТ ИЛИНДЕНМакедонија и Бугарија вчера го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Потпис на Договорот ставија премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов (Фото: СДК.МК)

    Премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов, заеднички ќе го одбележат националниот празник Илинден, со положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во кругот на скопската црква „Св. Спас“ денеска во 8 часот  и на тој начин симболично ќе го одбележат потпишаниот Договор за добрососедство и соработка.

    Со положувањето цвеќе, завршува  официјалната посета на бугарскиот премиер Бојко Борисов, а премиерот Заев заминува за Подгорица, каде што, заедно со премиерот на Црна Гора е кодомаќин на средба на потпретседателот на САД Мајк Пенс, со високи претставници на земјите членки и на земјите набљудувачи членки на Јадранската повелба, чиј претседавач оваа година е Македонија.

    При посетата на Заев на Бугарија на 20 јуни, бугарскиот и македонскиот премиер заедно положија цвеќе пред споменикот на цар Самоил во Софија и така го најавија потпишувањето на билатералниот договор за кој преговорите траат уште од 2009 година.

    Посмртните останки на Гоце Делчев се преселени во Македонија од Бугарија во октомври 1946 година во договор со тогашните бугарски и македонски власти.

    По  убиството на Гоце Делчев на 4 мај 1903 година во селото Баница, Егејска Македонија тој бил прво погребан во Серез. Потоа моштите му биле вратени во селото во олтарот на црквата, а во 1917 година неговиот соборец Михаил Чаков самоиницијативно ги пренел во Софија. Таму биле до 1946 година кога со посебен ритуал и со неколкудевно патешествие и чествување низ Пиринска Македонија биле пренесени во Скопје.

    Во Бугарија градот Неврокоп во 1951 година е преименуван во Гоце Делчев, низ земјата има повеќе споменици на Гоце Делчев, па дури и еден рид на Антарктикот го носи неговото име крстен од бугарската антарктичка експедиција. Во 2013 година по повод 110 години од Илинденското востание грчките власти им дозволиле на бугарските да постават спомен плоча во селото Баница (Веви) – помеѓу Воден и Лерин, во црквата каде што бил закопан Гоце Делчев.

     

     

     

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира