Околку 2.200 војници од Македонија,САД, Обединетото Кралство, Италија, Црна Гора, Косово, Австрија, Грција и Албанија се дел од воената вежба „Брз одговор 2025“ која се одржува на воениот полигон Криволак. Во рамки на вежбата на армискиот полигон денеска беше денот за високи гости на кој присуствуваа претседателката и врховна командантка на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, амбасадорката на САД Анџела Агелер, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, началникот на штаб на Командата на копнените сили на САД за Европа и Африка генерал-мајор Левон Камптон, командантот на Националната гарда на Вермонт генерал-мајор Грегори Најт и други.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски кажа дека вежбата претставува јасна демонстрација на посветеноста на македонската Армија кон националната и регионалната безбедност, како и стабилноста на НАТО.
„Преку организација и организација на ваков тип на вежби заедно со Армијата на САД ја зајакнуваме подготвеноста на НАТО. На овој начин ги унапредуваме способноста за одвраќање и одбрана и ги зацврстуваме национлните безбедносни и одбранбени планови и одбранбените планови на Алијансата“, кажа Мисајловски.
Генералот Сашко Лафчиски кажа дека оваа вежба испраќа „силна порака дека заедно сме посилни и поспособни да ги заштитиме демократските вредности, мирот и слободата“.
„Оваа вежба е повеќе од демонстрација на борбена готовност и способност,таа е доказ на силата и посветеноста на Алијансата. Неуморната работа на учесниците на вежбата нема за цел само да се подобрат капацитетите и способностите на сопствените единици, туку и да се изгради доверба, интероперабилност и меѓусебно почитување. Оваа вежба испраќа силна порака дека заедно сме посилни и поспособни да ги заштитиме демократските вредности, мирот и слободата “, кажа генералот Лафчиски.
Вежбата „Брз одговор 2025“ е втората фаза од најголемата вежба на американската армија во Европа, вежбата за „Динамично ангажирање на силите во Европа за одвраќање и зголемена подготвеност на НАТО“. Целите на оваа вежба се повеќекратни, а меѓу најзначајните се синхронизација на комбинираните вооружени сили и потврда на тактиките, техниките и процедурите за изведување на координирани конвенционални и здружени операции во различни временски услови, како и подобрување на интероперабилноста на декларираните состави преку извежбување со земјите партнери. Дополнително, цел на вежбата е и градење поголема подготвеност и оперативна синхронизираност меѓу армиите на НАТО и партнерските земји низ сложени и симултани операции во повеќе зони.