ЗАЕВ ДА НЕ ГИ ПРИФАЌА БАРАЊАТА НА ТАКАНАРЕЧЕНИТЕ „СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ“, АПЕЛИРА ДИПЛОМАТСКИОТ СИНДИКАТ

    ЗАЕВ ДА НЕ ГИ ПРИФАЌА БАРАЊАТА НА ТАКАНАРЕЧЕНИТЕ „СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ“, АПЕЛИРА ДИПЛОМАТСКИОТ СИНДИКАТПривилегирањето странски компании на штета на македонските/домашните не е ништо друго, туку еклатантен облик на дискриминација, велат од Дипломатскиот синдикат. - Мандатарот Зоран Заев (архивска фотографија)

    Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) побара од мандатарот Зоран Заев да не ги зема предвид пораките на, како што ги нарекуваат, таканаречените „странски инвеститори“, кои очекуваат да се продолжи со политиките за странски инвестиции кои ги воспостави ВМРО-ДПМНЕ. Апелот на СМДС доаѓа „во светло на јавните пораки до новата власт од неколку претставници на тнр. ‘странски инвеститори во Македонија’, со кои изразуваат очекување да се продолжи со политиките за странски инвестиции кои ги воспостави ДПМНЕ“.

    „Политиките на ДПМНЕ за странските инвестиции прераснаа во базичен генератор на каскадно рушење на синдикализмот и работничките права во Македонија. Притоа, не само што ние како општество не профитиравме од тие честопати крајно коруптивни зделки со тие „странски инвеститори“, туку и доживеавме огромен одлив на средства од Македонија и пауперизација на државниот буџет. Како што покажуваат одредени истражувања, Владата во периодот 2007-2015 потрошила околу 160 милиони евра за странските инвестиции, кои пак исплатиле само 90 милиони евра плати на работниците, а оствариле вкупни компаниски профити од 235 милиони евра“, се вели во соопштението на Дипломатскиот синдикат.

    СМДС, исто така, вели дека „воведувањето тнр. ‘економски промотори’ како паралелен и спротивставен на дипломатската мрежа систем на надворешно политичко, пардон економско претставување“ е посебен облик на институционална деградација и дека уште поголема деградација е „упорното ‘продавање’ на македонската работна сила како најевтина не само во Европа, туку и пошироко.“

    „Бараме мандатарот да се апстрахира од пораките на тнр. ‘странски инвеститори’, да се ревитализираат научно- и експертско-истражувачките функции и на нашите институции и на граѓанскиот сектор, со цел фактографски и квалитетно да се пристапи кон демонтажа на инсталациите на ДПМНЕ и целокупна реформа на надворешната економска политика, како стожер на целокупниот општествено-економски систем, но и стожер на работничките права и синдикализмот во Македонија“, велат од Дипломатскиот синдикат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира