ЗАЕВ И ДИМИТРОВ НЕ ИЗВРШИЛЕ ВЕЛЕПРЕДАВСТВО СО ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА, ОДЛУЧИ ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО И ЈА ОТФРЛИ КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ОД ТОДОР ПЕТРОВ

    ЗАЕВ И ДИМИТРОВ НЕ ИЗВРШИЛЕ ВЕЛЕПРЕДАВСТВО СО ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА, ОДЛУЧИ ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО И ЈА ОТФРЛИ КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ОД ТОДОР ПЕТРОВПо проучување на наводите во пријавата, надлежниот јавен обвинител утврдил дека во дејствијата на пријавените не се содржани битни елементи на наведените кривични дела. - Димитров и Заев на потпишувањето на Договорот од Преспа; Тодор Петров во Уставниот суд (Фото: СДК.МК)

    Скопското обвинителство ја отфрли кривичната пријава против Зоран Заев и Никола Димитров поднесена од Светскиот македонски конгрес во септември лани, со која тој ги пријави за 9 кривични дела: Повреда на угледот на државата, Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците, Велепредавство, Загрозување на независноста, Здружување заради непријателска дејност, Несовесно вршење на службата и Самовластие.

    Пријавата беше поднесена против лицата во својство на министер за надворешни работи и претседател на Владата и во неа се наведува дека тие сториле и кривични дела – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и Злоупотреба на службена положба и овластување, откако тие го потпишаа Преспанскиот договор.

    Според подносителот на пријавата, Заев и пријавените делата ги извршиле склучувајќи ја Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации. СМК во пријавата наведе дека Димитров и Заев постапиле спротивно на уставната обврска да го штитат уставниот поредок и суверенитетот, а со промена на идентитетот на нацијата ја загрозиле унитарноста и независноста и државата ја довеле во положба на потчинетост или зависност кон странска држава.

    По проучување на наводите во пријавата, надлежниот јавен обвинител утврди дека во дејствијата на пријавените не се содржани битни елементи на наведените кривични дела.

    За подбив со македонскиот народ не може да стане збор, вели обвинителството, зашто во Преамбулата на Спогодбата, двете страни потписнички се обврзуваат на почитување на начела, принципи и стандарди кои се меѓународно прифатени, а со цел решавање на разликите околу името и зацврстување на добрососедските односи.

    „Кривичното дело – Велепредавство може да му се стави на товар на некое лице единствено ако со употреба на сила или сериозна закана се обиде да го измени уставниот поредок на државата или да ги собори највисоките државни органи. Во дејствијата на пријавените нема примена на сила, ниту сериозна закана како средство за изнудување определена одлука или поведение“, вели ОЈО.

    Надлежниот јавен обвинител констатирал дека во дејствијата на пријавените при потпишување на спогодбата не постои заговор за вршење велепредавство или други кривични дела, па со самото тоа не постојат ниту елементите на кривичното дело – Здружување заради непријателска дејност.

    Пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност, а кривичното дело Самовластие од член 392 став 1 од Кривичниот законик, пак, се гони по приватна тужба и за ова дело јавниот обвинител не е овластен тужител, вели обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира