ЗАЕВ И ВЕРУШЕВСКИ НЕ ДОЈДОА ДА СВЕДОЧАТ НА ПОВТОРЕНОТО СУДЕЊЕ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО, ЌЕ БИДАТ ПОКАНЕТИ ПАК ЗА СЛЕДНОТО РОЧИШТЕ

    ЗАЕВ И ВЕРУШЕВСКИ НЕ ДОЈДОА ДА СВЕДОЧАТ НА ПОВТОРЕНОТО СУДЕЊЕ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО, ЌЕ БИДАТ ПОКАНЕТИ ПАК ЗА СЛЕДНОТО РОЧИШТЕЗаев сведочеше на „Тврдина-Таргет“ во октомври 2019 година. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот премиер Зоран Заев и ексразузнавачот Зоран Верушевски денеска не дојдоа да сведочат на повтореното судење за случајот „Тврдина-Таргет“ за масовното незаконско прислушување. Според судот, Верушевски немал уредна покана, но Заев имал.

    Застапници на обвинението за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека за следното рочиште двајцата пак ќе бидат поканети, па ако не дојде Заев, присилно ќе биде донесен да сведочи, бидејќи се остава простор еднаш да не се дојде, во случај друг од семејството да ја примил поканата за сведочење и да не му кажал на поканетиот.

    Во меѓувреме, судењето не застанува дека не дошле дел од поканетите, се продолжува со тие што дошле, па на следното судење отсутните ќе сведочат.

    По сослушувањето на сведоците, ќе се сослушаат кратко оштетените, па ќе се читаат материјални докази.

    Двајцата клучни сведоци сведочеа во „Тврдина-Таргет“ во октомври 2019 година. Судењето за „Тврдина-Таргет“ почна есента 2018 година. Во февруари 2021 беше донесена првостепена пресуда, а првообвинетиот Сашо Мијалков беше неправосилно осуден на 12 години затвор.

    Дури во март 2022 се одржа јавна седница во Апелациониот суд по поднесените жалби од обвинетите, односно првостепено осудените во овој базичен предмет на поранешното Специјално јавно обвинителство, за во декември 2022 година Апелациониот суд да ја укине пресудата и да го врати предметот на повторено судење.

    „Тврдина-Таргет“ се однесува на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани. Бидејќи е со обвинителен предлог, а не со обвинителен акт, на Мијалков за помалку од две години засекогаш му застарува кривичниот прогон во овој предмет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира