МЕСТО ВО ОБВИНИТЕЛСТВО, ДУРИ И МАТЕРИЈАЛИTE ОД ПИ-МЕРКИТЕ ОДЕЛЕ ПРВИН КАЈ ГРУЕВСКИ ДА ГИ ЧИТА, СВЕДОЧИ ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВ

    МЕСТО ВО ОБВИНИТЕЛСТВО, ДУРИ И МАТЕРИЈАЛИTE ОД ПИ-МЕРКИТЕ ОДЕЛЕ ПРВИН КАЈ ГРУЕВСКИ ДА ГИ ЧИТА, СВЕДОЧИ ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВОбвинетите Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков и сведокот Зоран Заев на денешното судење за случајот „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев денеска како сведок на поранешните специјални обвинители Трајче Пеливанов и Артан Ајро сведочи во „Тврдина-Таргет“, кога првпат дознал за масовното незаконско прислушување, за содржината, автентичноста на неговите разговори и смс пораки, чувањето, селектирањето, сè до нивното објавување.

    Заев прашање на обвинителот Пеливанов одговори дека за поседувањето на бомби во партијата СДСМ дознал во 2013 година, кога станал нејзин претседател. Тоа му го кажал претседателот на партиската комисија за безбедност Зоран Верушевски. Заев рече дека тогаш не ги познавал Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски.

    Во посед СДСМ имаше над милион комуникации со нелегално прислушувани разговори, рече сведокот. На прво место по прислушување била опозицијата, конкретно Бранко Црвенковски, потоа Заев, па останатите високи партиски функционери. На второ место, сведочеше Заев, беа новинарите, па бизнис фелата, но и високи функционери од власта. Ги издвои лидерите на албанските партии, за кои кажа дека долго, долго време биле следени без прекин.

    На прашање каде се вршело прислушувањето, Заев одговори:

    „Во МВР, односно во Управата за безбедност и контраразузнавање се прислушувало. Тоа го утврдивме од увидот за начинот на ставање на телефоните на слушање, од аналитиката што се правела врз прислушуваниот материјал, од доставувањето на материјалите до Никола Груевски, од еднаквоста, изгледот, структурата… Сето тоа недвосмислено укажуваше дека доаѓа од МВР, односно од УБК. Во тие материјали беа доставени и разговори од посебни истражни мерки (ПИ-мерки), меѓу кои и еден дел од разговорите од посебните истражни мерки против мене со судска наредба, како градоначалник на Струмица“, одговараше Заев на прашања на обвинителот.

    ПИ-мерките се за потребите само на обвинителството. Тие се со судска наредба и судот ги гледа дури на судење кога ќе дојде, ако дојде.

    Сведочењето продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира