ЗАЕВ ИМ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА ПАРТИИТЕ ВО БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ШТО ГЛАСАА ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ

    ЗАЕВ ИМ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА ПАРТИИТЕ ВО БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ШТО ГЛАСАА ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГСтојам на располагање да помогнам како поранешен премиер не само политички, туку и економски, бидејќи се вратив во бизнисот, кажа тој денеска на ФОН. (Фото:СДК.МК)

    Поранешниот премиер Зоран Заев, потписник на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, им се заблагодари на партиите во Бугарскиот парламент што гласале за Францускиот предлог за отворање на преговорите со ЕУ.

    „Благодарен сум на Продолжуваме со промената, на ГЕРБ, на Демократска Бугарија и на сите други пратеници кои гласаа за Францускиот предлог, како што сум благодарен на партиите во Македонскиот парламент. Неодамна се оствари нова средба меѓу нашиот премиер Ковачевски и бугарскиот претседател Радев, а секако и со вашиот технички премиер. Работиме на економски проекти, на енергетската криза и на други прашања. Верувам дека се враќаме на патиштата на пријателството, соработката и на добрососедството. Многупати сум кажал дека ние сме братски народи, наша обврска е да обезбедиме за младите, за идните генерации, за децата да може да соработуваат и да се чувствуваат како дома кога се во двете земји. Го сакам и целиот бугарски народ како што го сакам македонскиот народ, стојам на располагање да помогнам како поранешен премиер не само политички, туку и економски, бидејќи се вратив во бизнисот“, изјави Заев за бугарските медиуми денеска на ФОН, каде на известувачот за Македонија, Илхан Ќучук од Бугарија, му беше доделена титула почесен доктор на науки.

    На прашање на бугарска колешка за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за престанување на важноста на Договорот за пријателство со Бугарија, Заев кажа дека преку 75 отсто од граѓаните се против референдум за таа цел.

    „Никаде во светот нема некој да биде против, пријателство, против добрососедство, соработка“, убеден е Заев.

    На прашање пак на македонските медиуми, тој кажа дека е исклучително горд, како на Договорот со Бугарија, така и на Договорот од Преспа и кажа зошто.

    „Горд сум зашто повторно ги изградивме добрите односи со нашите соседи. Република Северна Македонија е пријател со сите свои соседи и со остатокот од светот. Нашиот македонски идентитет, нашиот македонски јазик, се загарантирани и непроменливи. Тоа е чувство. Мене ми е драго кога ги слушам високите претставници и на Бугарија, на Грција и на другите како зборуваат за Македонците, за македонскиот јазик и слично. Нашиот македонски идентитет никогаш порано во историјата не бил попризнат, попочитуван и поверификуван од денеска. Доживеавме дури и Руската православна црква да ја признае Македонската православна црква. Затоа велам дека само со пријателство можеме да одиме напред“, изјави Заев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира