Останува флексибилното работно време на сите вработени од органите на државната управа од 7:30 до 15:30 и од 8:30 до 16:30 часот, со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа, откако премиерот Зоран Заев одлучи да не ја потпише вчерашната одлука на Владата за ново работно време само од 8 до 16 часот. Новото работно време требаше да стартува од утре, 1 октомври.
„Претседателот на Владата Зоран Заев, после извршени консултации, одлучи да не ја потпише одлуката за времено суспендирање на одлуката за флексибилно работно време на државната администрација од 7-та седница на Владата. Прашањето ќе биде повторно разгледано на следната седница на Влада, откако ќе бидат направени дополнителни анализи и проценки за целисходноста за промена на работното време на администрацијата“, соопшти Владата.
Флексибилното работно време беше воведено од 1 септември 2017, а Владата тогаш образложи дека е за да се подобрат условите за вработените во јавната администрација и да се подобри процесот на испорачување услуги кон граѓаните и бизнис заедницата.
Против вчерашната одлука на Владата за укинување на флексибилното работно време реагираше и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), од каде велат дека бидејќи не биле информиран и консултирани како социјален партнер, со оглед на тоа што во Гранскиот колективен договор потпишан со Владата во почетокот на оваа година, е утврдено дека работното време е флексибилно.