Во советот за следење на имплементација на стратегијата во правосудството за периодот 2017-2022, кој е во формирање, ќе членува и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, ги потврди денеска неофицијалните најави на САКАМДАКАЖАМ.МК премиерот Зоран Заев, кој ќе застане на чело на советот.
Тој денеска рече дека ги прави завршните чекори за стартување со работа на ова тело за реформи, за кое рече дека не треба да биде преобемно.
Во судството, и покрај барањето на германскиот експерт Рајнхард Прибе за одговорност на судии и на највисоката судска власт, ништо не е сменето. Има само нов претседател на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев. Според тоа, во новиот Совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството за периодот 2017 – 2022, со кое ќе раководи Заев, неофицијално, ќе седнат и Караџовски и Вангеловски.
„Целта е да се направи правен совет за реализација на веќе донесената стратегија за реформите во правосудството која што беше донесена од претходниот совет под Министерството за правда. Кога се работи за реализација и имплементација, според мене, правните советници треба да бидат луѓе практичари. Веројатно во таквиот совет ќе влезе претседателот на Врховниот суд, претседателот на Основниот суд Скопје 1, државниот Јавен обвинител, Специјалната обвинителка Катица Јанева, веројатно и една од Апелационите единици, претседателот на Здружението на судии на Македонија, од Адвокатска комора, практичари кој што ќе треба да влезат потпомогнати од граѓански активисти и професорската фела. Но, тоа не значи дека треба да биде преобемно“, рече Заев.
На прашање што може Јово Вангеловски, кој го ослободи од притвор Сеад Кочан да го советува и како ќе седи на иста маса со Специјалната обвинителка Катица Јанева кога го блокираше работењето на СЈО, Заев изјави дека мора да бидат застапени претседателите на најважните правосудни институции.
„Почнувајќи од мене Зоран Заев премиер на Македонија, па до кој било функционер, се е минливо и менливо. Ние не бираме личности, не гледаме по име и презиме. Апелацискиот суд има претседател кој е на крајот на својот мандат и не знаеме уште колку тој ќе опстои. Не се водиме од името и презимето на личностите кои што ги водат институциите. Врховниот суд во еден ваков совет не смее да биде незастапен. Ова тело треба да ги даде најдобрите можни решенија во интерес на граѓаните и на правосудството во Македонија“, рече Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА