Владата работи на проектот за отстранување на оградата со која што е заградена зградата, едно од првите ветувања на премиерот Зоран Заев откако беше избран на функцијата. Досега не е стигнато да се реализира овој владин проект бидејќи потребно било време да се направи градежно решение, велат од Владата, па денешната прослава под мотото „Македонија слободна, слободно живее” ќе се одржи зад решетки, поставени од експремиерот Никола Груевски.
„Оградата сѐ уште не е отстранета оти работиме на градежно решение. Не може сѐ да се постигне за три месеци. Вечерва за прославата на 8 Септември, ќе бидат отворени сите шест врати, кои всушност ги отворивме уште првиот ден кога оваа Влада почна со работа”, велат од Владата.
Премиерот Зоран Заев, кој вечерва ќе има обраќање на прославата за Денот независноста, на 5 јуни вети дека оградата ќе биде отстранета и од неа ќе бидат направени клупи за седење и настрешници и со тоа влезот околу зградата ќе биде слободен за сите граѓани.
Оградата околу владината зграда беше поставена во јуни, 2015 во рамките на проектот за реконструкција на Владата и чинеше 700.000 евра.
А. АНТЕВСКА