Струмичкиот бизнисмен Иван Николов, сведокот на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1, рече дека премиерот Зоран Заев, обвинет дека му барал поткуп како градоначалник на Струмица, му побарал 300 илјади евра за приватизација на пет парцели државно градежно земјиште.
„На 8 ноември 2013 година, ми се јави тогашниот градоначалник Заев. Отидов во неговиот кабинет. Знаеше дека сакам да откупам државно земјиште. Ми побара 70 денари по метар квадратен редовна цена за државата, но и 3 евра дополнително. Едно евро за него, едно за црквата, едно евро за СДСМ. Бидејќи се работеше за 100.000 метри квадратни што сакав да ги приватизирам, по три евра, тоа се 300.000 евра што требаше екстра да му ги дадам на Заев. Тоа се многу пари”, тврдеше Николов на денешното рочиште.
„На 19 декември таа година, одлучив да го пријавам Заев во МВР. Ми дадоа опрема да го снимам. Во март ја повторив изјавата пред обвинителство“ рече Николов.
Тој кажа дека Заев во меѓувреме го снижил поткупот на 2 евра. Ја исфрлил „давачката“ за партијата.
„Го прашав, како ти ги дадам парите за тебе и за црквата? Он рече за мене и за црквата ќе одиш кај брат ми Вице и таму ќе ги дадеш“, рече Николов и додаде дека се среќавале во градоначалничкиот кабинет повеќе пати.
Денешното судско рочиште е во тек.
С. К. ДЕЛЕВСКА