ЗАЕВ НАЈАВЕН КАКО ГОСТИН НА КУРЦ НА ТРАДИЦИОНАЛНИОТ ОПЕРСКИ БАЛ ВО ВИЕНА

    ЗАЕВ НАЈАВЕН КАКО ГОСТИН НА КУРЦ НА ТРАДИЦИОНАЛНИОТ ОПЕРСКИ БАЛ ВО ВИЕНАЗаев е единствениот гостин кого Курц го поканил на годинешниот Оперски бал во Државната опера, објави австрискиот весник „Пресе“; - Курц и Заев пред Владата на 7 септември 2018, при неговата посета на Македонија пред одржување на референдумот, при што на јарболот беше поставено погрешно знаме, на Латвија место на Австрија (Фото: Ѓ. Личовски)

    Премиерот Зоран Заев како гостин на австрискиот канцелар Себастијан Курц в четврток ќе биде дел од престижниот оперски бал во Виена, објави австрискиот весник „Пресе“. Од кабинетот на канцеларот за весникот  потврдиле дека Заев е единствениот гостин кого Курц го поканил на годинешниот бал.

    „Од кабинетот на канцеларот Курц потврдија дека премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев е поканет на балот. Тој е поканет од една страна поради Договорот од Преспа со кој се реши спорот за името со Грција, а од друга страна поради фокусот на Австрија за земјите од Западен Балкан. Заев ќе биде единствен гостин на канцеларот. Двајцата ќе имаат и билатерална средба попладнето“, пишува „Пресе“.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали премирот Заев в четврток ќе биде дел од оперскиот бал како гостин на Курц, од македонската Влада кусо одговорија дека ќе се знае денеска и тогаш ќе добиеме одговор на прашањето.

    На балот лани гостинка на канцеларот Курц беше сомалиската авторка, активистка за човекови права и поранешен модел Варис Дирие. (Фото: АПА)

    Оперскиот балот во Виена е стар скоро 200 години, а во Државната опера обновен е во 1956 каде се одржува во еднаш годишно. Настанот отвора со целовечерен гала концерт со оркестар и балет, а потоа со танц 150 млади двојки дебитираат во општествениот живот и така почнува балот. Балот е комерцијален настан и билетите се од 315 во партерот до околу 2.000 евра во ложите.

    Балот отвора со целовечерен гала концерт со оркестар и балет (Фото: Државна опера Виена)

    Свои гости на балот поканиле и министерката  за надворешни работи Карин Кнејсл и заменик-канцеларот Хајнц-Кристијан Штраке. Гостин на Кнејсл ќе биде чешкиот министер за надворешни работи Томас Петрик, а на Штраке министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ.

    Балот почнува со танц на 150 млади двојки кои дебитираат во општествениот живот на Австрија (Фото: Државна опера Виена)

    Австрискиот канцелар Себастијан Курц беше во официјална посета на Македонија на 7 септември 2018, непосредно пред одржување на референдумот за името. Курц тогаш го поздрави компромисот со Грција за спорот за името и ги повика граѓаните масовно да излезат на референдумот да гласаат „за“, да се трасира патот за влез во НАТО и ЕУ. На официјалната церемонија на дочекот пред Владата, Курц беше пречекан со погрешно знаме, на јарболот место австриско имаше латвиско знаме.

    Заев беше на работна средба со Курц во Виена на 30 јануари, непосредено откако на 25 јануари парламентот на Грција го ратификуваше Договорот од Преспа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира