Премиерот Зоран Заев денеска се врати во прес центарот во Собранието, за првпат по организираниот напад на 27 април. Тој имаше прес конференција по расправата за договорот за добрососедство со Бугарија во Комисијата за надворешна политика во Собранието.
Во нападот на 27 април, Заев како лидер на парламентарното мнозинство беше повреден во главата и крвареше откако демонстрантите од „За заедничка Македонија“ влегоа во прес-центарот каде што беа пратениците од мнозинството и новинарите, по изборот на Талат Џафери од ДУИ за нов претседател во Собранието.
Во прес-центарот пратениците и новинарите беа блокирани од насилниците повеќе од два часа, иако бараа помош од полицијата за да ги спаси. Меѓу насилниците имаше и луѓе со црни маски. Насилниците удираа по пратениците од мнозинство и по новинарите со столици, сталаци од камера, компјутери, маси и сѐ што им дојде до рака. Заев и уште десетина пратеници со жив штит ги бранеше обезбедувањето на ексминистерот Оливер Спасовски кој исто така беше во салата.
Специјалците интервенираа дури по 2 и пол часа, кога ги евакуираа нападнатите и им беше пружена медицинска помош.
Во Собранието тогаш не беа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ Никола Груевски и Али Ахмети.
Никола Груевски кој вечерта за време на нападот беше во Виена, другата вечер на 28 април во интерву за ТВ Телма на новинарот Александар Чомовски му рече: „ Ако сакаше некој вчера да го убие Заев, ќе го убиеше“ и објасни: „Во салата имаше 100-200 луѓе, на неколку метри, ако дошле со помисла да го убијат, можеа да го убијат. До него стоеја. Така што не е точно дека некој сакал да го убие, туку најверојатно луѓето ги понел револтот“, изјави на 28 април лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Г. ТРПЕНОСКИ