Нема официјално образложение од премиерот Зоран Заев и од Владата зошто тој одлучил да си даде оставка од претседател на телото за судски реформи, функција што ја презеде во март лани. Од Владата велат дека негова одлука не е од сега и оти остануваат на тоа што го кажа Заев пред неколку дена на трибината во Куманово: дека на чело на ова реформско тело бил додека тоа да се раздвижи и да профункционира и оти отсега натаму него ќе го води министерката за правда Рената Дескоска.
Од формирањето во март лани до Нова Година, тоа тело се состанало шест пати, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК членови на телото. Од Нова Година наваму, ниеднаш. Тие велат не се задоволни од тоа што нивните предлози за реформски интервенции во законите за судството и обвинителството не биле прифаќани.
„Од нашите предлози за законски измени што ги дававме и предлагавме, речиси ништо не беше прифатено. Политичарите и партиите во Парламентот си правеа измени на нашите предлози, не ги прифаќаа, си ставаа свои“, вели висок функционер во правосудството, член на телото кое требаше да предложи итни законски измени кои ќе се однесуваат на суштинските и приоритетни реформи што требаше да се направат во судството и обвинителството.
Тие велат дека најдобар доказ за тоа дневно-партиско силеџиство во законите за судството е Законот за јавно обвинителство, односно статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), што партиите го кројат по свој терк, а не „како што бараме ние и меѓународната заедница преку Европската комисија и Венецијанската комисија“.
Во ова тело за итни судски реформи членуваат и претседателите на Основните судови Скопје 1 и 2, како најголеми судови, претседателите на четирите Апелациони судови, државниот Јавен обвинител, Обвинителот за организиран криминал, Специјалната обвинителка, претседателот на Здружението на судии, Народниот правобранител, претставник од Адвокатската комора… Од Врховниот суд место претседателот Јово Вангеловски членува друг судија претставник, а не членуваше ни сега веќе експретседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, оти од таму имаше друг претставник.
Претходно, во Министерството за правда кусо постоеше вакво реформско тело на чело со тогашниот министер за правда Билен Саљији, и тоа беше составено од експерти кои ги имаа истите забелешки како сегашниве членови кои се главно таму по функција. Еден по еден, професорите и експертите тогаш си дадоа оставка, обвинувајќи дека законите не ги прави реформското тело, туку „се прават во некои други центри на моќ“.
Група експерти, предводена од Германецот Рајнхард Прибе, во 2015 беше ангажирана од Европската комисија по објавувањето на „бомбите“ на опозицијата да изработи анализа на ситуацијата и да даде препораки. Извештајот беше објавен на 8 јуни 2015, а претходно групата имаше три посети на Македонија во април и мај.
Во февруари годинава, кога на универзитетот ФОН во Скопје прими награда, Прибе, авторот на т.н. Итни реформски приоритети, не сакаше да ја коментира динамиката со која власта работи на нивна имплементација во петте клучни области.
С. К. ДЕЛЕВСКА