Лидерот на СДСМ Зоран Заев смета дека потпишаниот договор со другите три партии потписнички на Пржинскиот договор е поволен „бидејќи обезбедува чекори за исполнување на минимум двата услови за слободни фер избори – минимум регулација на медиуми и допрочистување на избирачкиот список“.
Заев денеска во Струмица потврди дека СДСМ ќе предложи експерт за главен уредник на информативната програма на МРТВ и тоа од новинарската фела.
„Јас и партијата ќе се водиме од селекцијата на строго професионално експертско решение од делот на експертите и фелата новинарска за да можеме барем во националниот сервис каде што сите граѓани плаќаме, да имаме рамномерно избалансирано известување и почитување на новинарските професионални и етички стандарди“, кажа Заев кој подвлече дека во преговорите тие постојано барале да се усвои предлогот на ЗНМ изработен од меѓународната заедица, но ВМРО ДПМНЕ не сакале ниту да слушнат.
„Ние не отстапуваме од овој закон и ќе го донесеме во првите 100 дена откако ќе ја добиеме власта“, рече Заев кој верува дека атд-хок телото за медиуми „ќе треба да донесе избалансирано покривање на политичките партии, почитување на етичкиот кодекс и можноста од неширење омраза за одржување фер и слободни избори“.