ЗАГРИЖЕН ЗА ВОЗРАСТА НА ДВЕ ПОРОТНИЧКИ, ИЛИЈА ДИМОВСКИ ПОБАРА ПО 11. ПАТ ДА СЕ ОДЛОЖИ „ТАЛИР“

    ЗАГРИЖЕН ЗА ВОЗРАСТА НА ДВЕ ПОРОТНИЧКИ, ИЛИЈА ДИМОВСКИ ПОБАРА ПО 11. ПАТ ДА СЕ ОДЛОЖИ „ТАЛИР“Судскиот процес за „Талир“ од јануари 2019 година е на нула и не може да почне никако. - Обвинетиот Илија Димовски (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска безуспешно побара да се одложи по 11. пат рочиштето по обвинение на СЈО за перење 5 милиони евра од страна на Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и уште три физички и едноставно лице, партијата.

    На почетокот стана Димовски и му кажа на судијата Осман Шабани дека две од трите поротнички наскоро ќе наполнат 60 години, што по законот за Судски совет, е лимитот на возраст за поротник во суд. Рече дека за тоа ќе го извести и претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и Судскиот совет за да не излезе дека судењето почнало, а заради смена на поротничките, потоа да се враќа назад на нула.

    Овој судски процес од јануари 2019 година секако е на нула и не може да почне никако. Уште не се дадени воведни зборови од обвинителката Ленче Ристоска.

    Димовски побара денешното судење да не се одржи, да продолжи на следниот термин 23 декември, за да има време, како што рече, Судскиот совет да преземе мерки околу поротничките во „Талир“.

    Зачуден што обвинетиот Димовски ја дознал возраста на поротата, Шабани му се заблагодари на укажувањето и кажа:

    „Јас не знам колку години имаат членовите на поротата, тоа не е моја, туку е работа на Судскиот совет. И тоа не е тема на денешното рочиште“.

    Потоа Ристоска зборуваше околу предложената листа докази на обвинетите, како и за предложени сведоци од нивна страна, што уште се смета само за подготвителна фаза за судењето кое не може да почне никако.

    За испраните околу 5 милиони евра, СЈО има фатено уплатници, документи и други материјални докази, како и изјави од сведоци.

    Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ ги товари: Никола Груевски за Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело. Груевски е избеган во Унгарија и во сите процеси му се суди во отсуство.

    За истите две кривични дела (казниви со затвор) обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.

    Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за Перење пари и други приноси. Обвинета беше и Елизабета Чингаровска, која призна вина. И партијата ВМРО-ДПМНЕ како правно лице е обвинета за Перење пари и други приноси.

    На Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и нелегални извори на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Бил помогнат од Божиновски и од Јанакиевски кои, во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на фирми кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа, како знаат да обезбедат пари во кеш за потребите на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како противуслуга за добиените тендери.

    Вака обезбедените финансиски средства во готовина, Никола Груевски не ги вратил во буџетот, откај што доаѓале, а што е обврска согласно Законот за финансирање на политички партии. Со тоа прибавил незаконски средства за финансирање на ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 4.608.661 евра.

    Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Груевски и Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Јанакиески и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.

    Откако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на партиската жиро сметка, обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за партијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира