ЗАКОНИТЕ СО ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЌЕ СЕ СМЕТААТ ЗА ДОНЕСЕНИ И БЕЗ ПОТПИС ОД ИВАНОВ, ВЕЛИ ЏАФЕРИ

    ЗАКОНИТЕ СО ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЌЕ СЕ СМЕТААТ ЗА ДОНЕСЕНИ И БЕЗ ПОТПИС ОД ИВАНОВ, ВЕЛИ ЏАФЕРИСобранискиот спикер Талат Џафери кажа дека за законите што се донесени со двотретинско мнозинство претседателот, според Уставот, е должен веднаш да ги потпише указите. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека законите донесени со двотретинско мнозинство, а кои претседателот Ѓорге Иванов не ги потпиша, ќе се сметаат за донесени, а останатите непотпишани закони од претседателот се враќаат во собраниска процедура. Досега, од Иванов во Собранието се вратени вкупно 15 закони, од кои три се двотретински од областа правосудството, што не подлежат на повторно постапка. Станува збор за Закон за изменување и дополнување на Закон за судовите, Закон за прекршоците и Закон за управните спорови, кои се реформски и многу важни за натамошните процеси за добивање позитивна препорака за преговори со ЕУ.

    „Обврска на Собранието е да ги донесе законите и моја обврска е во соодветно време, поточно веднаш по донесувањето, да ги потпишам пропратните писма и делот од указот каде е предвиден мој потпис. За законите што не се носат со двотретинско мнозинство претседателот на државата е должен во рок од седум дена да одговори дали ќе ги потпише или не. За законите што се донесени со двотретинско мнозинство претседателот, според Уставот, е должен веднаш да ги потпише указите. И во првиот и во вториот случај претседателот одбил тоа да го направи, ги вратил законите со неговото објаснување дека е тој повикан да го штити Уставот. Во оваа ситуација законите што се носени со двотретинско мнозинство не можат повторно да се вратат во собраниска процедура и се сметаат за донесени. Другите закони, според Деловникот, должен сум во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законите да ги вратам во повторна собраниска процедура, односно да ги ставам на седница и, секако, тој рок од моја страна ќе биде испочитуван, рече Џафери, кој денеска имаше средба во Собранието со амбасадорот на Кралството Шпанија, Емилио Лоренсо Сера.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари