ЗАКОНОТ НЕ ДОЗВОЛУВА ОПШТИНИТЕ ДА ЈА ФИНАНСИРААТ АЛБАНСКАТА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ПЕРИНСКИ

    ЗАКОНОТ НЕ ДОЗВОЛУВА ОПШТИНИТЕ ДА ЈА ФИНАНСИРААТ АЛБАНСКАТА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ПЕРИНСКИПерински вели дека посоодветно е локалните самоуправи да работат на зголемување на квалитетот на животот на граѓаните, место да одвојуваат средства за нешто кое нема да има функција во годините што следат. (Фото: СДК.МК)

    Не постои законска можност општините да го финансираат здружението Албанска академија на науките и уметностите, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински во интервју за државната агенција МИА.

    По најавите на општините Тетово, Гостивар, Желино и Чаир дека ќе го финансираат работењето на академијата, Перински вели дека посоодветно е локалните самоуправи да работат на зголемување на квалитетот на животот на граѓаните, место да одвојуваат средства за нешто кое нема да има функција во годините што следат.

    „Во суштина, тоа е строго опишано во Законот за локална смаоуправа во членот 11, кој вели дека приходите на локалните самоуправи треба да се трошат исклучиво за надлежностите кои се утврдени согласно Законот. Тоа во превод значи дека сите средства што општината ги собира по кој било основ ги распределува преку усвојување на одлуки и буџети на седница на Совет и треба да бидат исклучиво насочени кон спроведување и реализација на основните законски надлежности на самата локална самоуправа. Во тие надлежности, Албанска академија на науките и уметностите не постои. Општината има можност да финансира здруженија и невладини организации, но и тие треба на некој начин да ги спроведуваат основните надлежности за кои таа локална самоуправа постои, што значи дека ако точно се чита законот, законска можност за вакво нешто нема“, кажа Перински.

    Ни во Законот за научно-истражувачка дејност, ни во Законот за локална самоуправа постои можност за формирање паралелна, микро, општинска научна академија. Дури и за мешовита научна установа која може да ја формираат општините, има строги законски услови кои мора да се исполнети, но и бадентерово мнозинство во Советот на Општината каде што се сака да се формира таква мешовита научна установа.

    Коалицијата „Вреди“, која е дел од Владата, на 28 јули соопшти дека почнала постапка за формирање на Академијата на Албанците за наука и уметност во Северна Македонија. Лидерот на коалицијата и министер за здравство Арбен Таравари на својата фејсбук страница тогаш објави дека првиот состанок на оваа тема се одржал во Тетово, но седиштето на академијата ќе биде во Скопје.

    „Основањето и особено официјализирањето на Албанската академија на науките и уметностите е една од најдобрите иницијативи на ‘Вреди‘. Ние сме еден од најстарите народи на Балканот и во нашата ДНК има интелигенција и цивилизација на античка култура“, напиша Таравари на Фејсбук.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира