ЗАКОНОТ ЗА ЕВИДЕНТИРАЊЕ НА НЕВИДЛИВИТЕ ЛИЦА НЕ СЕ ПРИМЕНУВА, ТОЈ Е САМО ЗА ЛАЖЕЊЕ НА СТРАНЦИТЕ, ЗИБЕРИ БАРА ТОЧКА НА ИТНА ВЛАДИНА СЕДНИЦА

    ЗАКОНОТ ЗА ЕВИДЕНТИРАЊЕ НА НЕВИДЛИВИТЕ ЛИЦА НЕ СЕ ПРИМЕНУВА, ТОЈ Е САМО ЗА ЛАЖЕЊЕ НА СТРАНЦИТЕ, ЗИБЕРИ БАРА ТОЧКА НА ИТНА ВЛАДИНА СЕДНИЦАНародниот правобранител бара за 10 дена владата да го извести што презела да го реши итно проблемот. (Фото:СДК.МК)

    Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени кој истекува за три месеци, доживеа дебакл. Народниот правобранител Насер Зибери ѝ се обрати на Владата итно да го разгледа проблемот, им напиша што треба секое министерство и државен орган да направат и посебно го прозва Министерството за правда за неуспехот со наоѓање и запишување на овие лица, зашто законот му е нефункционален.

    Од предметното работење и спроведеното истражување, Народниот правобранител констатираше бројни проблеми  во спроведувањето на овој закон: недоволна информираност на овие лица за начинот на поднесување на барање до  Управата за водење на матични книги, недоволна обученост и оспособеност на овластените лица за прием и процесирање на ваквите барања.

    Она што е најважно, и да добило некое од овие лица привремен матичен број, со него не може да користат ни услуги на лекар, ни да се пријават како невработени, ни да се вработат, ни социјална помош да земат, државјанство да земат, додаток за попреченост, недајбоже ученички стипендии. Едноставно законите во здравството, социјалата образованието и други, не го препознаваат Законот за неевидентирани лица, бидејќи не се направени усогласувања со него. Џабе постои.

    Две години државата не мрда со прст за тоа, а пред странските претставници се фали дека донела закон за да ги впише овие лица во Матичната книга на родени.

    Минатата година Народниот правобранител ја информираше јавноста за податоците добиени од Управата за водење на матични книги дека од вкупно евидентираните 659 лица кои немаат документи и чие раѓање не е запишано во матичната книга на родени,  повеќе од половина се деца на возраст до 18 години. Во текот на 2020 година (по донесување на Законот) од вкупниот број неевидентирани лица поднесени се вкупно 184 барања за издавање на извод од Посебната матична книга на родени и уште 27 барања во периодот јануари-април 2021 година, односно вкупно се доставени 211 барања за упис во Посебната книга.

    Клучен проблем во моментот, вели Зибери, е тоа што Законот за неевидентирани лица е со важност до јуни 2022 година, а во пракса повеќе од половина од вкупно идентификуваните  732 лица (според најнов податок од УВМК), не иницирале постапка за упис во Посебната матична книга на родените.  Од друга страна пак, лицата кои имаат извод од посебната матична книга и идентификациона исправа, во пракса не остваруваат ниту едно од утврдените права.

    Народниот правобранител утврдил дека не секое од лицата на кое му е издаден извод (320) има добиено и идентификациона исправа (115), што дополнително го отвора прашањето зошто е тоа така.

    Зибери по сознанијата дека проблемите не се надминати, побара од Владата важењето на Законот да се продолжи до јуни 2023 година, а во меѓувреме ѝ ги адресираше следниве итни препораки:

    -Владата да ги задолжи ресорните министерства да ги усогласат законите од областа на образование, здравствена заштита и здравствено осигурување, социјална заштита,  и вработување со задолжително социјалното осигурување, со Законот за неевидентирани лица во матичната книга, со што ќе се овозможи непречено остварување на четирите права од Законот, но и други права кои се тесно поврзани, а кои постојниот закон не ги препознава

    -Најитно да се изнајде решение за надградба на постојниот интегриран систем (софверско решение) кое ќе овозможи препознавање на посебниот евиденционен број од изводот од посебна матична книга на родени и идентификационата исправа, а со тоа и можност за непречено остварување на правата во горенаведените области

    -Да се задолжат надлежните институции на поинтензивна соработка со граѓанските здруженија со цел проактивен пристап при лоцирање на овие лица, нивно идентификување и друго

    -Министерството за правда, како предлагач на законот и надлежен орган за вршење надзор врз спроведувањето на неговите одредби, да покаже проактивен однос и заложба за ефикасна имплементација на законот

    -Министерството за образование, Труд и социјала, Министерството за здравство, МВР, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Управата за водење на матични книги  и другите надлежните институции да покажат добра волја, ажурност, наклонетост и флексибилност во постапувањето, со почитување на  пропишаните рокови, со цел конечно да се реши долгогодишниот проблем со правно невидливите лица во државата

    Народниот правобранител, очекува  Владата најитно, на седница, да ја разгледа Информацијата со предлог за преземање мерки, да донесе заклучоци согласно дадените препораки и за се да го извести  најдоцна во рок од 10 дена од приемот на неговиот допис.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира