ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПАРАЛЕЛНИОТ УВОЗ НА ЛЕКОВИ ПОВЛЕЧЕНИ ОД СОБРАНИЕ ПОРАДИ ТЕХНИЧКИ НЕДОСТАТОЦИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ

    ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПАРАЛЕЛНИОТ УВОЗ НА ЛЕКОВИ ПОВЛЕЧЕНИ ОД СОБРАНИЕ ПОРАДИ ТЕХНИЧКИ НЕДОСТАТОЦИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕМинистерот за здравство Венко Филипче вели дека утрово формирал работна група која технички ќе го доработи измените на Законот за лекови и медицински средства. (Фото: М. Златевска)

    Предлог-законот за измени на Законот за лекови и медицински средства, со кои треба да се направат измени во делот на паралелниот увоз на лекови, денес е повлечен од дневниот ред на седницата на собраниската комисија за здравство.

    Овие законски измени како што рекоа од собраниската комисија за здравство се повлечени на барање на предлагачот, односно Министерството за здравство, но дека во дописот што стигнал до Комисијата немало образложение зошто е повлечен предлог-законот.

    „Предлог-законот го повлековме, бидејќи треба технички да се доработи. Утрово формирав работна група во Министерството, која треба да ги отстрани овие технички недоследности, кои ги увидовме, односно недостатоците се од техничка природа и да нема мешање од еден во друг член, тоа треба да се исправи. Решивме да го повлечеме сега и да го доработиме, а не потоа амандмански да се интервенира“, вели Венко Филипче, министер за здравство.

    Тој објасни дека работната група во Министерството за здравство со работа на законските измени ќе почне во понеделник и дека многу брзо ќе ги направи потребните корекции.

    Со овие измени треба да се регулира делот за паралелниот увоз, со кои ќе се воведе обврска увозникот на лекови од паралелен увоз да има задолжително сертификат за квалитет на лековите, како и документи со кои ќе се знае начинот на движење на лекот од производителот, до крајниот корисник. Според надлежните здравствени власти со тоа ќе се избегне можноста со паралелен увоз да влегуваат фалсификувани или сомнителни лекови.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира