Засега е потврдено дека 32 лица загинаа во најсилниот земјотрес на јужниот брег на Мексико, најсилен во земјата во изминатиов век. Најлошо е погоден градот Јучитан, на тесниот појас на Оаксака познат како Истмус, каде половина од градското собрание се распаднало во еден куп урнатини. Локалните власти изјавија дека најмалку 17 од вкупно 32 загинати биле во Јучитан.
Геолошкиот институт на САД објави дека магнитудата на земјотресот е 8,1, но претседателот Енрике Пена Нието рече дека е 8,2, што е најсилен во Мексико овие 100 години. Тој рече и дека е посилен од оној во 1985, кога загинаа илјадници во четири мексикански држави. Земјотресот се случил во 23:49 часот по локално време, а епицентарот бил 165 километри западно од Тапачула во Чиапас, недалеку од Гватемала, на длабочина од 69,7 километри. Чиапас е сиромашна држава населена главно со домородни Индијанци, а е популарна кај туристите.
„Тоа беше силен земјотрес”, рече Пена Нието. „Имаше поголема магнитуда отколку онаа што Мексиканците ја преживеаја во 1985“. Тој рече дека 62 афтершока следеле по земјотресот и можно е уште еден со магнитуда од 7.2 да удри во следните 24 часа. Пена Нието рече дека е предизвикана сериозна штета и дека 1 милион корисници првично биле без струја по земјотресот, но електричната енергија била вратена на 800.000 од нив.