СО ЗГОЛЕМЕН БРОЈ СКРШЕНИЦИ ЗАТВОРЕНА ХИРУРШКА САЛА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, ФАЛАТ АНЕСТЕЗИОЛОЗИ И МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ

    СО ЗГОЛЕМЕН БРОЈ СКРШЕНИЦИ ЗАТВОРЕНА ХИРУРШКА САЛА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, ФАЛАТ АНЕСТЕЗИОЛОЗИ И МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИБолницата бара одобрение од Министерството за финансии да ангажира еден пензиониран анестезиолог и да прими 20 медицински сестри за да може нормално да работи - Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче на отворањето на новиот Одделот за трауматологија во ГОБ „8 Септември“ на 7 септември 2018 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ минатата недела затвори една од двете хируршки сали сали на новоотворениот Оддел за трауматологија, бидејќи има недостиг од медицински сестри и анестезиолози.

    Најпогодено од затворањето на салата е изведувањето ортопедски операции, бидејќи мора да се одложуваат операции на веќе закажани пациенти. Дополнителен притисок се и пациентите со скршеници и разни други повреди, кои не може да чекаат и мора веднаш да се третираат. По паѓањето на снегот, во болницата има зголемен број пациенти со скршеници, но новото болничко одделение за трауматологија што го отвори премиерот Зоран Заев празнично пред  8 септември минатата година уште не функционира. Од двете сали кои тогаш беа промовирани,  во функција е само една, и тоа не секој ден.

    Директорот на „8 Септември“ Кристијан Костов вели дека минатата недела биле принудени да затворат една од салите на новиот оддел, бидејќи им недостигаат анестезиолози и медицински сестри.

    „Во моментов работиме со 9 анестезиолози, бидејќи 3 заминаа во пензија. Ни недостигаат и 40 медицински сестри за да можеме нормално да работиме. Освен на Oдделот за трауматологија, не работи и уште една од другите сали, така што од вкупно седум сали сега работат само пет“, вели Костов.

    Премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица на отворањето на Одделот за трауматологија во Градската општа болница „8 Септември“ на 7 септември 2018 (Фото:  Ѓ. Личовски)

    Новиот Оддел за трауматологија во ГОБ „8 Септември“ беше отворен на  7 септември 2018, кој е сместен во просториите што претходно ги користеше приватната болица Филип Втори. На отворањето на Одделот, за кој првично беше најавено дека ќе биде Траума центар, присуствуваше и премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица. Тој тогаш кажа дека во новиот Оддел, кој е направен по најмодерни стандарди, се очекува да се лекуваат 2.000 пациенти.

    Оперативниот дел според Костов, се одвива така што еден ден операции прави еден оддел, а следниот ден друг, односно нема прекин на хируршки зафати по специјалности.

    „Имаме примено уште пет специјализанти, но тие во моментов се на специјализација на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување и со специјализацијата треба да завршат во мај“, вели Костов.

    Тој кажа дека побарале одобрение од Министерство за здравство за вработување медицински сестри и дозвола да ангажираат еден од пензионираните анестезиолози.

    „Од Министерството за здравство ни одобрија вработувања за 20 медицински сестри, сега чекаме да ни одобри и Министерството за фиансии. Разговарав вчера и најверојатно ќе ни одобрат да го ангажираме пензионираниот колега“, вели Костов.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира