ЌЕ ГО РЕШИМЕ И ПРОБЛЕМОТ СО ПРЕЗЕМАЊЕ ДОКТОРИ ОД ПРИВАТНИ ВО ДРЖАВНИ БОЛНИЦИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА ТРАУМАТОЛОГИЈА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“

    ЌЕ ГО РЕШИМЕ И ПРОБЛЕМОТ СО ПРЕЗЕМАЊЕ ДОКТОРИ ОД ПРИВАТНИ ВО ДРЖАВНИ БОЛНИЦИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА ТРАУМАТОЛОГИЈА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“Новиот оддел за трауматологија има 16 кревети, шест легла во интензивна нега и две хируршки сали. - Директорот на болницата Кристијан Костов кој и самиот е специјалист-ортопед со лекарскиот тим од Ортопедија им ги покажува на Заев и министерот Венко Филипче новите болнички простории (Фото: Ѓ.Личовски)

    Измените на Законот за здравствена заштита со кои треба да се укине рокот за директно преземање на доктори специјалисти од приватно во јавно здравство, кој со сегашното законско решение истече во декември 2016 година, наскоро ќе бидат дадени во владина процедура, кажа министерот за здравство Венко Филипче на денешното отворање на новиот оддел за трауматологија во Градската општа болница „8 септември“ во Скопје.

    Измените на овој закон се неопходни за јавните здравствени установи кои имаат недостиг од кадар да можат со директно преземање да го пополнат од приватните болници. Измените се закочени, бидејќи коалицискиот партнер во Владата ДУИ не се согласува со укинување на економските директори на клиниките, бидејќи нивните кадри ќе останат без работа. Овие промени, меѓу кои и укинување на плаќањето по учинок ги најави уште лани претходниот министер за здравство Арбен Таравари.

    Д-р Кристијан Костов, директор на „8 септември“, кажа дека им недостигаат торакални хирурзи за да може трауматолошкото одделение да прерасне во Траума центар, и дека за тоа е известено и Министерството за здравство и се надева дека наскоро ќе се најде решение.

    Со премиерот Заев дојде и сопругата Зорица која како пациентка во април годинава беше оперирана токму од ортопедскиот тим кој сега ќе работи и во новото трауматолошко одделение. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Овој оддел сега е дел од одделот за ортопедија и трауматологија. Во ова одделение ќе работат 14 доктори, од кои 9 се специјалисти, а пет се на специјализација. Ни недостигаат тораковаскуларни хирурзи, кои во земјава се дефицитарни, веќе се пратени неколку на специјализација. Министерство за здравство го знае проблемот и се надеваме дека ќе се реши наскоро. Такви лекари мора да земеме или од Универзитетската клиника или од приватните установи“, рече Костов.

    Новиот оддел за трауматологија има 16 нови болнички места, шест кревети во интензивна нега, и две нови хируршки сали. Тој е сместен во просториите што претходно ги користеше приватната болница „Филип Втори“. Премиерот Зоран Заев кажа дека одделот е направен по најмодерни стандарди и дека во него ќе може да се лекуваат и до 2.000 пациенти годишно.

    На отварањето на новото одделение во болницата, со премиерот Заев дојде и неговата сопруга Зорица која во април оваа година беше оперирана во оваа болница од повреда на скочниот зглоб.

    Министерот Филипче рече кажа дека разговарале со коалицискиот партнер ДУИ и дека наскоро законските измени ќе ги дадат во владина процедура, а дека паралелно на тоа прават и целокупна измена на Законот за здравствена заштита за да се усогласи со европската регулатива.

    „Рековме дека ќе ги укинеме економските директори. Но, во некои институции се наметна потребата поради спецификата на самата институција, според бројот на вработени и според типот на услуги што таа ги дава и таа беше предмет на разговор со коалицискиот партнер“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира